ФИЛИПЧЕ НЕ ПОПУШТА ЗА НОВИТЕ РЕСТРИКТИВНИ МЕРКИ Опозицијата обвинува дека „министерот за смрт“ се заканува и уценува

На негово конто одат речиси 7.500 починати лица, Сега Филипче воведува крајно контрадикторни, несоодветни, или едноставно дискутабилни мерки, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

1,298

Жаклина Шопова, член на Централна комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, денеска повторно остро го нападна министерот за здравство Венко Филипче.

– На негово конто одат речиси 7.500 починати лица кои се нечии сестри, браќа, мајки, татковци, роднини, пријатели. Сега Филипче воведува крајно контрадикторни, несоодветни, или едноставно дискутабилни мерки. Сега Филипче ќе ги дели граѓаните, ќе им го олеснува џебот во период на поскапувања – изјави Шопова.






ВМРО-ДПМНЕ смета дека Филипче, со неговите наводно нови превентивни мерки, ги дели вработените во јавниот и приватниот сектор. Освен тоа, да се приложи потврда за прележан ковид не постара од 45 дена е нешто што се коси со сите досегашни научни сознанија. Или, едноставно кажано, прележан ковид штити повеќе од 6 до 12 месеци.

– ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, е големо финансиско оптоварување на секој еден граѓанин во овој период кога сите цени драстично се зголемуваат. И сето тоа е поради лошото менаџирање на економијата од оваа власт. Еден тест со речиси најниска цена чини околу 1.500 денари. Или секој граѓанин ќе мора месечно да дава повеќе од 100 евра за тестови – рече Шопова.

Бројот на невакцинираните е голем заради лошо спроведена вакцинална кампања, а притоа се потрошени огромни средства.

На европската листа на починати на милион жители Македонија е на високото трето место. Во меѓувреме, министерот за смрт, како што Шопова го нарече Филипче, стручната фела ја множи со нула, како да не постои, а не пак да се заинтересира да ги праша, слушне и преземе соодветни мерки.

– Наместо стимулативни мерки, Филипче продолжува со закани, уцени кон граѓаните. Филипче покажа дека е вешт само да ги спроведе личните и интересите на Заев. Затоа крајот брзо ќе му дојде – тврди ВМРО-ДПМНЕ.

По овие напади, вечерва, во вестите на Канал 5, се огласи Филипче. Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, сите релевантни експерти од овие области, кои тргнуваат од принципите на медицината и епидемиологијата, стојат позади мерките. Тие се неопходни да се задржи релативно мирната епидемилошка состојба во државата, изјави тој, најавувајќи дека за овие предлог-мерки утре ќе се дисутира на седница на Владата.

– Заштитата на сопственото здравје  и здравјето на другите е во Уставот во член 39, во Законот за работни односи во член 32. Уставниот суд веќе има одлучувано по претходни претставки да се толкува уставноста на мерката за задолжителна вакцинација за други вакцини кај децата при прием во градинка. Одлуката на Уставен суд беше  дека јавното здравје е пред се – изјави Филипче.

Министерот апелираше до граѓаните да се вакцинираат. Болниците и сега се преоптоварени, а инфективните одделенија во државата се преполни.

– Граѓаните мора да покажат одговорност, имајќи предвид дека целокупниот систем во овој момент е преоптоварен најмногу со невакцинирани пациенти. Граѓаните мора да водат сметка не само за своите права, туку и за обврските кои ги имаат, а тоа е да ги штитат сопственото здравје, здравјето на лицата околу нив, а со тоа и здравствениот систем – изјави министерот.

Поврзани содржини