ДОГОВОРОТ ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО Е ЛОШ Мешовитата комисија за историја е нефункционална
Мое цврсто убедување е дека Договорот за добрососедство не е добар документ. Премногу е општ, рамковен и не се спроведува, изјави Јотова, која заедно со претседателот Румен Радев имаше средба во Софија со претставници на бугарските организации во Македонија.
Владите на двете земји избегнаа политичка одговорност и сè им препуштија на научниците. До денес оваа комисија не функционира во практика и не најде ниту едно решение, вели бугарската потпретседателка за Мешовитата македонско-бугарска комисија за историја Илијана Јотова.
За Договорот за добрососедство, пак, вели дека тој не е добар затоа што е премногу општ, рамковен и не се спроведува.
– Мое цврсто убедување е дека Договорот за добрососедство не е добар документ. Премногу е општ, рамковен и не се спроведува – изјави Јотова, која заедно со претседателот Румен Радев имаше средба во Софија со претставници на бугарските организации во Македонија.
– Само една година откако претседателот Румен Радев го постави прашањето за правата на македонските Бугари на европска маса, ова прашање доби поинаков карактер. Ми се чини дека нашата земја изгуби многу време потпирајќи се само на историски факти кои се далечни и неразбирливи за нашите европски партнери – рече таа.
Според неа, последната политичка влада не го отворила прашањето за правата на Бугарите во Македонија, потпирајќи се само на она што е поврзано со историските факти и со Договорот за добрососедство.
– Дури по март 2021 година на европска маса беше ставена темата за правата кај нашиот сосед. Тоа го направи претседателот Радев. Сигналите што ги добивме од вас, фактите што ги забележавме, медиумите што ги читаме од другата страна на границата се доволен доказ за тоа. Последната бугарска политичка влада побегна од ова, префрлајќи сè на Договорот за соседство и историските факти. Нема ништо лошо во заедничкото славење празници и положување венци. Заблудата беше дека порано или подоцна, преку овие историски факти ќе најдеме полуконсензус меѓу двете земји и така во иднина ќе се отвори патот за членство. Но, тоа не се случи. Мое цврсто мислење е дека Договорот за добрососедство не е добар документ. Тој е премногу општ, рамковен и не се спроведува – додаде Јотова.
Таа вели дека на историската комисија, која беше формирана меѓу двете земји од дипломати и историчари, е нефункционална бидејќи нема право да носи политички одлуки.
– Тогашните две влади на двете земји избегнаа политичка одговорност и сè им препуштија на научниците. До денес оваа Комисија не функционира во практика и не најде ниту едно решение. Оваа Комисија игра танго – еден чекор напред, два чекори назад. Научниците не можат да носат политички одлуки и оваа одговорност не може да се пренесе на нив – рече таа.
Јотова вели дека Радев, кој бил под жесток притисок на претседателот на Европската комисија, комесарот за проширување, претседател на Советот на Европската Унија, успеал да го врати бугарскиот интерес на европска маса.
Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, од своја страна истакна дека прашањето за членството на РСМ во ЕУ не зависи од тоа која влада ќе биде на власт.
– Она што е сугерирано од Советот на Европската Унија е дека бидејќи нема парламент и нема политичка влада, кога ќе дојде новиот парламент и редовната влада, веднаш ќе се откочи процесот на преговори за членство. Не, нема да се откочи, бидејќи ова фундаментално прашање не зависи од тоа која влада и кој парламент ќе биде на власт. Ова е фундаментално прашање што се однесува на европските вредности вградени длабоко во темелите на Европската Унија. Додека не се реши прашањето за човековите права и недискриминацијата, не гледам како ќе се отвори вратата за преговори за членство – изјави Радев.