ЗАЕВ ГО НЕГИРА И ПРОГЛАСОТ НА АСНОМ Фалсификувањето историски факти има големи последици
И додека политиката на бугарскиот претседател ги изразува бугарските национални интереси и стратегиска агенда за Македонија, политиката на премиерот е погубна, бидејќи истата подразбира бришење на историската меморија која ги рефлектира државотворните традиции, втемелени на АСНОМ, вели Митко Панов редовниот професор на Институтот за национална историја.
Историјата на македонскиот народ не може да биде желботека на неписмените (ѓоа)политичари и мегдан за фалсификување. Улично насилство. Промена на националниот наратив во македонскиот образовен систем. Во Европа и во светот фашистичката власт или окупација има и етничка определба… Ова се само дел од реакциите дадени за МКД, по вчерашната изјава на Зоран Заев дека во македонските учебници ќе се брише бугарски пред фашистички окупатор. Ден пред тоа, бугарскиот претседател Румен Радев потсети на тоа дека Македонија треба да изврши промени во учебниците, по спомениците, во музеите…
За Митко Панов, редовниот професор на Институтот за национална историја, обете изјави, и на бугарскиот претседател Румен Радев и на македонскиот премиер Зоран Заев го рефлектираат континуитетот на политиките на раководствата на двете држави.
– Со таа разлика што онаа на бугарскиот претседател, го одразува континуитетот на политиката од 19 век, а онаа на македонскиот премиер, на политиката од 2017 година. Во суштина, бугарскиот претседател бара правно обврзувачки гаранции дека крајниот исход од политичките преговори ќе резултира со историско делегитимирање на постоењето на македонскиот народ, односно дека не постоел, бидејќи бил бугарски; а македонскиот премиер историјата на сопствениот народ и нација ја разбира како средство за политички договор. И додека политиката на бугарскиот претседател ги изразува бугарските национални интереси и стратегиска агенда за Македонија, политиката на премиерот е погубна, бидејќи истата подразбира бришење на историската меморија која ги рефлектира државотворните традиции, втемелени на АСНОМ – вели Панов.