ЗАЕВ ОСТРО ПРОТИВ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КУМАНОВО Максим тргна против Максим
Статутот е јасно достапен, претпоследниот е изменет со етички кодекс каде се даваат сите права и слободи, но и одговорности, рече Заев.
Одлуката актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски да оди независно на локалните избори, според статутот на СДСМ, значи исклучување од партијата, одговори на новинарско прашање премиерот Зоран Заев за независната кандидатура на Димитриевски и за исклучувањето од партијата. Тој најави дека Димитриевски и формално ќе биде исклучен од партијата на следниот централен одбор.
– Максим тргна против Максим. На централен одбор треба да го констатираме тоа што Максим го направи. Тоа го знае Максим, Статутот не е од сега направен. Однапред се познати правилата. Статутот е јасно достапен, претпоследниот е изменет со етички кодекс каде се даваат сите права и слободи, но и одговорности. СДСМ е исклучително демократска партија, која своите одлуки не ги носи врз основа на ставови на поединци. Таму е јасно дека ако се спротивставите на СДСМ, не можете да бидете член на СДСМ. Инаку може да се изразува незадоволство и спротивставени ставови, дури и ако тие не се согласуваат со оние на највисокото раководство, рече Заев.
Тој очекува кандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски, да го победи Димитриевски на 17 октомври.
– Во Куманово ќе победи тој што 30 години по ред победувал, а тоа е СДСМ. Не доминирала никогаш личноста, туку социјалдемократијата била водечка нишка. Олиовер Илиевски е секретар на СДСМ Куманово и имаме шанса уште во првиот круг да ја залужиме победата – рече Заев.