КАКО МЕСЕЧИНАТА ВЛИЈАЕ ВРЗ ВРЕМЕТО Што ѝ прави лунарниот циклус на Земјата?

Ефектите од дејствата на Месечината врз Земјата, сè уште не се целосно разбрани. Предизвикот е да се разоткрие вистината и да се дознае кога нашиот лунарен придружник има влијание.

457

„Бледа Месечина – дожд. Црвена Месечина – ветер. Бела Месечина – ниту снег, ниту дожд.“ Со генерации луѓето ја набљудувале Месечината, а тоа им било показател какво ќе биде времето. Месечината, всушност, влијае на климата и временските услови на Земјата на неколку суптилни начини, пишува Би-Би-Си.

Пред четири и пол милијарди години, две древни планети се судриле и се споиле во една, така настанала Земјата. За време на ваквото пресретнување на двете планети, се откачила мала карпеста маса и настанала нашата Месечина.






Ефектите од дејствата на Месечината врз Земјата, сè уште не се целосно разбрани. Предизвикот е да се разоткрие вистината и да се дознае кога нашиот лунарен придружник има влијание.

Трепетлива орбита

Најочигледниот ефект кој Месечината го има врз Земјата може да се види во плимата и осеката. Додека Земјата ротира секој ден, гравитацијата на Месечината ја повлекува водата од најблиската страна на Земјата кон неа, создавајќи испакнување. Морето се испакнува и на спротивната страна, поради центрифугалната сила предизвикана од ротацијата на Земјата.

На секои 18,6 години, Месечината се „ниша“ меѓу максимален и минимален плус-минус 5 степени во однос на екваторот на Земјата. Ова е за прв пат документирано во 1728 година, а се нарекува лунарен нодален циклус. Кога лунарната рамнина се навалува од екваторијалната рамнина, плимата и осеката на Земјата стануваат помали. Кога орбитата на Месечината е повеќе во согласност со екваторот на Земјата, плимата и осеката се поголеми.

Сега НАСА вели дека зголемувањето на нивото на морето поради климатските промени, во комбинација со влијанието на лунарниот нодален циклус, ќе предизвика драматично зголемување на бројот на поплави со плима во текот на 2030 години.

Бенџамин Хамлингтон, научник, истражувач и водач на научниот тим на НАСА за промена на нивото на морето е заинтересиран за тоа како нивото на морето реагира на природата и човекот и што тоа ќе значи за крајбрежните популации. Пред да се пресели во Калифорнија, тој живеел во крајбрежната Вирџинија каде поплавите биле голем проблем.

– Поплавите од големи плими многу влијаат врз животите на крајбрежните заедници. Сега го гледаме ова како непријатност, но ќе биде тешко да се игнорира, тешко е да се живее на тој начин – вели Бенџамин.

Тој додава дека овие поплави, влошени поради Месечината, ќе ја оштетат инфраструктурата и ќе го променат ликот на крајбрежјето.

– Од една деценија во друга, можеме да видиме четири пати поголема количина на поплави. Месечевиот нодален циклус влијае на сите локации на Земјата и нивото на морето се зголемува насекаде. Така што, ќе ги видиме овие брзи зголемувања на поплавите од плима низ целиот свет – заклучува Хамлингтон.

Лунарниот нодален систем може да постави многу предизвици за луѓето, но за дивиот свет во крајбрежните екосистеми може да претставува егзистенцијална закана.

Мраз, земја, воздух

Додека лунарниот нодален циклус треба да донесе значителни промени во наредните децении, во пократок временски период, Месечината влијае на Земјата на неколку други помалку познати начини.

Се смета дека Месечината влијае и на поларните температури и придонесува за флуктуации во обемот на мразот на Арктикот.

Иако тука влијанието на Месечината не е нејзиниот 18,6-годишен нодален циклус, туку неговата позната месечна варијација во количината на светлина што се рефлектира од неа додека минува низ месечевите фази.

Сателитските мерења покажаа дека половите се потопли за 0,55 степени за време на полна Месечина.

Покрај тоа, плимните сили дејствуваат за да ги скршат ледените плочи, а и да се промени топлината на океанот, менувајќи ја количината на мразот во Арктичкиот океан.

Водата и мразот на океанот не се единствените делови на планетата што доживуваат плима. Месечината, исто така, има плимен ефект и на земјата и на атмосферата.

Плимата и осеката на Земјата се слични на плимата и осеката на океанот. Земјата се деформира и испакнува исто како и морето и се смета дека тоа предизвикува вулкански активности и земјотреси.

Промените на воздушниот притисок поврзани со положбата на Месечината за прв пат беа откриени во 1847 година. Гравитационите сили на Месечината предизвикуваат испакнатини и осцилации во атмосферата на Земјата, слични на оние што се гледаат во водата.

Влијанието на Месечината врз врнежите преку атмосферските плими е мало, бидејќи другите фактори како топлината од Сонцето имаат многу поголем ефект. Истражувачите од Универзитетот во Вашингтон објавија дека лунарните сили влијаат врз количината на врнежи, но само за околу 1 отсто.

Џон Валас, професор по атмосферски науки на Универзитетот во Вашингтон, вели дека во време кога Сонцето и Месечината се собираат заедно, врне дожд малку повеќе отколку шест часа порано или подоцна, а тоа значи дека повлекувањето на Месечината не влијае на тоа колку врне, само кога врне.

Некои научници тврдат дека Месечината е таа што го овозможила животот на прво место. Месечината ја стабилизира Земјата додека се врти околу својата оска, помагајќи да добие стабилна клима. Без неа, Земјата би се нишала понеуредно. Половите би се движеле значително во однос на орбитата на Земјата. Сезоните, деновите и ноќите би изгледале многу поинаку.

Но, плимата и осеката што можеби го започнале животот на Земјата, исто така, ја оддалечуваат нашата Месечина од нас. Секоја година, Месечината се движи подалеку од Земјата за речиси 4 сантиметри поради плимата и осеката што ги предизвикува на Земјата. Земјата ротира побрзо отколку што орбитира Месечината, така што гравитационото влечење на плимното испакнување ја повлекува Месечината побрзо. Како што Месечината се забрзува, таа се фрла малку нанадвор и нејзината орбита станува поголема. Тоа е како кога стоите на вртелешка – колку побрзо се врти, толку повеќе се чувствувате како да сте исфрлени нанадвор од центарот.

Месечината е нашиот најблизок сојузник во пространоста на Универзумот, без кој Земјата би била многу осамено место.

Поврзани содржини