ДАВАМЕ ШАНСА ПРЕД ДА БИДЕ ГОТОВО Зафировски ја повика општина Карпош да го повлече новиот ДУП
ВМРО-ДПМНЕ семта дека со новиот ДУП во реонот во кој се наоѓа Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се уништат спортски терени, а ќе се градат згради и булевар.
Сакаме да ни се објасни зошто се менува ДУП-от, ваков ДУП не смее да се донесе за Карпош. Планот да се срушат сите тениски терени, картинг центарот и терасата на базенот за да се добие прометна улица која ќе води до огромни бетонски згради е недопустливо. Со оваа улица ќе се уништат повеќе од 10.000 метри квадратни корисна површина. Регулацискиот план ќе донесе бетонска тврдина наместо веќе постоечките објекти за спорт и рекреација, изјави денеска пред зградата на општина Карпош Оливер Зафировски, од ВМРО-ДПМНЕ кој заедно со сопартијци потоа присуствуваа на презентацијата на предлогот на новиот ДУП за регионот на СЦ „Борис Трајковски“.
ВМРО-ДПМНЕ има замерка и на изборот на периодот за јавна расправа.
– Општината Карпош во ек на одмори во август и пред избори закажува јавна презентација и јавен увид мислејќи дека со тоа ќе помине незабележано и дека граѓаните на општина Карпош ќе го испуштат овој момент за да можат да реагираат, дека на мала врата ќе успеат да пробуткаат бетонизација на „Борис Трајковски“. Но ние сме денеска тука за да можеме да го спречиме сето тоа. Загрижени се граѓаните а ние мораме како општествено одговорни јасно и гласно да кажеме дека нашиот став е против овој ДУП – рече Зафировски.
Тој ја повика општината да го повлече новиот ДУП и да размисли за нови паркови и зелени површини околу спортскиот центар „Борис Трајковски“.
– Даваме шанса уште еднаш, пред да биде готово. Во октомври на претстојните избори имаме шанса да ги казниме овие бетонски политики, а потоа да бараме одговорност како од Петре Шилегов, така и од Стефан Богоев – рече тој.
Зафировски рече и дека живее во општина Карпош 20 години.
– Пред 20 години кога ќе го отворев мојот прозорец ја гледав шумата на Водно зелена, сега кога ќе го отворам мојот прозорец гледам дека половина од Водно е веќе урбанизирано и бетонизирано. Ако продолжиме со ваква бетонизација, се плашам дека за десет до петнаесет години, не ќе можеме да го видиме ниту крстот на Водно.Затоа стоп за бетонизацијата, предност даваме на еколошките проекти, а градоначалникот треба да се бави со екологија и реализација на многу други потешки проблеми на жителите на општина Карпош. Бетонизацијата е завршена работа и е нешто кое што треба да е минато на секоја општина – рече Зафировски.