АВТОГОЛ ЗА ЗАПАДОТ Хаос во Кабул, Талибанците тврдат дека го контролираат Авганистан
Ал Арабија објави дека претседателот на Авганистан, Ашраф Гани, ќе поднесе оставка во следните неколку часа. Странските дипломати и граѓани се евакуираат со хеликоптери.
Талибанците денеска објавија дека ја контролираат целата територија на Авганистан, пренесува агенцијата ТАСС, повикувајќи се на ТВ Ал-Арабија.
Во изјавата на талибанците што ја пренесе телевизијата се наведува дека нема борби во главниот град Кабул. Талибанска делегација преговара во претседателската палата во Кабул, каде денеска се очекува официјално предавање на власта, се наведува во извештајот на ТВ Ал-Арабија.
Ал Арабија објави дека претседателот на Авганистан, Ашраф Гани, ќе поднесе оставка во следните неколку часа. Авганистанскиот министер за внатрешни работи Абдул Сатар изјави претходно дека предавањето на власта ќе биде мирно и дека талибанските единици нема да воидат борби за да го освојат главниот град.
Во тек е евакуацијата на странските дипломати и граѓани.
Од американската Амбасада хеликоптер по хеликоптер пренесува американски и западни дипломати и цивили до воената страна на аеродромот во Кабул. Еден по друг, Чинук и Блек Хок летаат во зоната на слетување.
На аеродромот, десетици американски и британски транспортни авиони ги чекаа своите патници, лентата за слетување е обезбедена од новодојдените американски војници.
Во Кабул, долги редици се формираа надвор од банките и неколкуте банкомати во градот, додека жителите брзаа да подигнат готовина.
Авганистански официјален претставник рече дека силите во воздухопловната база Баграм, во која се наоѓа затвор во кој се сместени 5.000 затвореници, им се предале на талибанците.
Шефот на округот Баграм, Дарвајш Рауфи, изјави дека базата им е предадена на бунтовниците.Во затворот биле сместени и талибанци и борци на ИД.
Авганистан се соочува со „катастрофална“ хуманитарна состојба, доколку не се преземат мерки за да се спречи колапс на земјата пред напредокот на талибанците, предупреди претседателот на Комитетот за одбрана на Велика Британија.
Пратеникот од ториевците, Тобијас Елвуд, за Радио Тајмс изјави:
– Ова е целосно понижувачки за Западот. Го составивме најневеројатниот, технолошки напреден сојуз што светот го видел и ние сме поразени од бунт вооружен со АК47 и РПГ. Ова ќе биде најголемиот автогол постигнат од Западот досега во овој век.
Министрите за надворешни работи и внатрешни работи на Австрија, Александар Шаленберг и Карл Нехамер, планираат конференција за Авганистан, на која ќе ги поканат соседните земји од таа земја и одредени членки на ЕУ со цел да понудат помош.
Конференцијата е планирана во виртуелен формат за крајот на август или почетокот на септември. Целта на конференцијата е да се зајакне регионот, односно непосредните соседи на Авганистан. Нехамер посочува дека во борбата против илегалната миграција кон Европа, потребно е да се има сеопфатен пристап, така што сега приоритет е да им се помогне на соседите на Авганистан