БЕЛГИСКИОТ ПРЕМИЕР ПОДНЕСЕ ОСТАВКА Пропаднаа преговорите за федералниот буџет за 2027 година
Кралот на Белгија Филип ги повика сите партии да преземат политичка одговорност, нагласувајќи дека Белгија не може да издржи долгорочна политичка криза во сегашните околности.
Белгискиот премиер Барт де Вевер денеска поднесе оставка бидејќи владата не можеше да постигне договор за федералниот буџет за 2027 година. Де Вевер одлучи да го преземе тој чекор по неуспешните состаноци со своите министри во текот на викендот.
Кралот на Белгија Филип изјави дека ќе ја одложи одлуката за неговата оставка додека во наредните денови води разговори со партиите што ја сочинуваат федералната коалиција. Тој ги повика сите партии да преземат политичка одговорност, нагласувајќи дека Белгија не може да издржи долгорочна политичка криза во сегашните околности.
Доколку кралот ја прифати оставката на премиерот, би можеле да се распишат нови избори.
Де Вевер се надеваше дека ќе обезбеди 10 милијарди евра за буџетот за следната година, или преку намалување на трошоците или преку нови приходи, бидејќи федералната влада мора да го намали својот дефицит до 2029 година.
Дефицитот на Белгија е 5,2 проценти од бруто домашниот производ (БДП), највисок во еврозоната, додека јавниот долг ќе се зголеми на повеќе од 110 проценти од БДП оваа година.
Се прецизира дека фламанските социјалисти бараат повеќе даноци, додека централно-десничарското Реформско движење претпочита намалување на социјалните бенефиции. Белгија има за цел да заштеди 10 милијарди евра од буџетските обврски до 2029 година.
Поради намерата за намалување на социјалните трошоци во Белгија оваа и минатата година се одржаа десетици национални штрајкови кои ја блокираја земјата. Владата се обидува да преговара за целосен буџет за 2027 година до крајот на декември, а преговорите траат веќе неколку месеци.