ЛУЛА ДА СИЛВА ГО ОСВОИ ЧЕТВРТИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ МАНДАТ ВО БРАЗИЛ Болсонаро не ги признава резултатите од вториот круг

По пребројувањето на речиси сите гласови, Лула имаше недостижна предност од 51,75 наспроти 48,25 проценти, соопшти изборниот суд.

2

Бразилскиот претседател, Луис Инасио Лула да Силва, вчера го освои четвртиот претседателски мандат, што е без преседан, соопшти денеска бразилскиот изборен суд.

Лула, иконата на глобалната левица и најдоминантната фигура во бразилската политика во овој век, во драматичната завршница на пребројувањето на гласовите го победи сенаторот Флавио Болсонаро, најстариот син на поранешниот претседател Жаир Болсонаро.






По пребројувањето на речиси сите гласови, Лула имаше недостижна предност од 51,75 наспроти 48,25 проценти, соопшти изборниот суд.

Сенаторот Болсонаро, кој освои најмногу гласови во првиот круг, се надеваше дека ќе го оживее крајнодесничарското политичко движење на неговиот татко.

Флавио Болсонаро одби да го признае поразот во вториот круг и побара поништување на резултатите поради двочасовното продолжување на гласањето. Тој изјави пред новинарите дека не може да ги прифати изборните резултати откако изборниот суд ја прогласи победата на Лула.

Станува збор за неочекуван исход, спротивен на предизборните анкети, досегашната практика и глобалниот тренд на отфрлање на актуелните власти. Воедно, победата на Лула го запре бранот изборни победи на десницата во Латинска Америка.

Според анкетарите, повисоката од очекуваната излезност на гласачите се чини дека му одела во прилог на Лула.

Конзервативните кандидати во Бразил обично постигнуваат добри резултати во раната фаза на пребројувањето, додека поддршката за левицата расте подоцна во текот на вечерта, кога пристигнуваат гласовите од посиромашните и побројни сојузни држави во североисточниот дел на земјата.

Инаку, победата на Лула го лишува американскиот претседател Доналд Трамп од важен сојузник во растечкиот блок десничарски латиноамерикански влади што ја прифатија агендата на Вашингтон за безбедноста и миграцијата.

Селсо Аморим, поранешен министер за надворешни работи во владите на Лула, изјави дека левичарскиот лидер ќе има клучна улога во воспоставувањето рамнотежа во Латинска Америка.

– Лула е таа рамнотежа- изјави Аморим.

Лула беше претседател од 2003 до 2011 година, а кампањата ја водеше потпирајќи се на комбинација од прагматизам и популизам, пристап што ја одбележува неговата политичка кариера во изминатите пет децении. Најави низа реформи насочени кон подобрување на животниот стандард на работниците и посиромашните слоеви од бразилското општество.

Сепак, четвртиот мандат на Лула би можел да му биде и најтежок досега, со оглед на тоа што Бразил избра најконзервативен состав на Конгресот од враќањето на демократијата во 1980-тите.

Либералната партија на Болсонаро и нејзините сојузници би можеле заедно да контролираат повеќе од 280 места во Претставничкиот дом и до 50 места во Сенатот, што би им обезбедило комотно мнозинство во двата дома на Парламентот.

Лула се соочува и со економски предизвици. Неговата влада предвидува дека економијата следната година ќе порасне за само 2,3 проценти, додека високите каматни стапки и јавниот долг, кој надмина 82 процента од бруто домашниот производ (БДП), ги продлабочуваат фискалните проблеми. Станува збор за највисоко ниво на долгот од пандемијата.

Критичарите на претседателот ја обвинуваат владината потрошувачка за растот на долгот, иако најголем придонес за неговото зголемување имаат трошоците за камати.

Експертите очекуваат новиот, десничарски ориентиран Конгрес да се обиде да спроведе структурни реформи во корист на бизнис-секторот. Тоа би можело да доведе до намалување на јавната потрошувачка и да предизвика општествени немири.

Поврзани содржини