Мицкоски: Сетете се колку им било тешко на грамадните Илинденци да кренат востание против империја
Додека трае споменот за Илинден ќе трае и Македонија, зошто Илинден е нашата епска битка, нашата библија, и нашиот крст кој ние со исклучителен пиетет го прифаќаме и носиме. Двата Илиндена не беа создадени за да не успееме, туку за да живее идејата која донесе слобода, а слободата денес е платена со крв, пот, солзи и многу животи. Ете толку е скапо она што ни го донесоа двата Илиндена и толку е голема нашата обврска да успееме - рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска се обрати во струшкото село Ташмаруништа по повод Денот на републиката.
– Додека трае споменот за Илинден ќе трае и Македонија, зошто Илинден е нашата епска битка, нашата библија, и нашиот крст кој ние со исклучителен пиетет го прифаќаме и носиме. Двата Илиндена не беа создадени за да не успееме, туку за да живее идејата која донесе слобода, а слободата денес е платена со крв, пот, солзи и многу животи. Ете толку е скапо она што ни го донесоа двата Илиндена и толку е голема нашата обврска да успееме – рече Мицкоски.
Знам дека ова време, додаде Мицкоски, се најтешките години од независноста до денес.
– Но, сетете се колку им било тешко на грамадните Илинденци да кренат востание против најголемата империја, и асномците да се борат против дотогаш најголемата воена сила. Голораки, против најголемите – потсети Мицкоски.
И затоа, порача тој, мораме да успееме како земја.
И не смееме да се задоволуваме со просечни работи, а во ова тешко време просечноста ни изгледа добра, бидејќи си имаме работа со најлошите, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
– Срамно е што за прв пат во триесет години независност ја променија прославата за Илинден. На Мечкин Камен нема говор, едно затоа што немаат што да кажат, друго затоа што се плашат од народот кој ќе им каже што мисли за нивното владеење. Стево Пендаровски не може да биде точката на обединување, тој е точката на разделување. Зошто е точката на разделување? Затоа што човекот фати страна и реши да молчи тогаш кога требаше да биде гласен. Кога имаше изборни фалсификати, кога требаше да се спротивстави на лошите закони, кога Заев си договараше промени на сметка на идентитетот. Јас не би бил искрен, и ќе го разочарав народот ако денес бев заедно со нив, и би послужил на таквиот декор, а тие вечер ќе си продолжеа со нивниот традиционален криминал. Одбрав да бидам тука меѓу вас во Ташмаруништа – меѓу народот. Македонија е европска земја, и нашето место е токму таму, во семејството на Европската унија, а она што за Заев сега е Европа, и го вика Мини Шенген, тоа само значи дека донел уште еден пораз за државата и не е способен да ја исполни нашата најголема стратешка цел, членството во Унијата – порача Мицкоски.