Кој ги убива луѓето?

Колку досегашниот урбанистички хаос во главниот град учествува во стапката на смртност на истиот? Како создавачите на таквиот хаос де факто станаа убијци без умисла, заслепени од алчноста за профит?

4,352

I. Урбанистичкиот хаос

Прашањето во насловот, несомнено, сугерира различни сложени аспекти. Намерата, изложена во две продолженија, ни е многу, многу  поскромна: да не забораваме никогаш дека лошо организирана и управувана држава, особено многу корумпираната, директно влијае на зголемување на стапката на морталитетот над „природната“, а со тоа и на очекуваната должина на животот на луѓето. Идејата ќе биде проследена, главно, преку две важни искуства: (не)научената урбанистичка лекција по земјотресот и актуелното (не)справување со вирусната пандемија, Ковид-19.






Кобниот 26 јули 1963

Заклучно со денес, изминаа точно 58 години од катастрофалниот скопски земјотрес. На денот на несреќата живеевме на ул. Орце Николов, педесетина метри до централниот плоштад, веднаш спроти некогашното кино „Младина“ и спроти Театарот за децa, и на помалку од половина фудбалско игралиште до денешната зграда на „Македонски пошти“. Со мојот помлад брат спиевме на еден широк кревет. Татнежот и тресењето не успеале да нѐ разбудат, иако нашите перници беа покриени со парчиња малтер од ѕидот до кој креветот беше прилепен. Нѐ разбудија нашите родители, влечејќи нѐ веднаш да истрчаме во дворот. Надвор веќе беа излезени неколкуте семејства од куќата и од „лепенките“ до неа – сите смртно исплашени. Помалите деца плачеа, една повозрасна жена офкаше повредена од урнатини паднати врз неа. Не знам од кои причини, таа веќе била надвор во 5 часот и 17 минути. Кога излеговме на улицата, а тоа беше речиси веднаш, таа веќе беше преполнета со жителите од соседните живеалишта. Насекаде магла од прашина, срушени и оштетени згради, куќи… пискотници, лелекања, плач…

Не поминаа ни десет минути, татко ми ме фати за рака и ми рече: „Одиме да видиме што е со Начеви“. Васил, рударски инженер, неговиот најдобар другар од детството, неговата сопруга Мара и децата: Стојан, петто одделение и Мирјана, требаше да запише прво или второ одделение. Начеви живееја на улицата Дебарца бр. 1, во зелено бојосана зграда, и по сеќавање, со не повеќе од пет до шест катови. Зградата го следеше тапиот агол на улицата и била градена во два одвоени периода, така што беше лепенка од два идентични дела. Никој не можеше да претпостави дека едниот дел е само залепен на другиот. Кога се приближивме, видов дека едниот дел го нема; совршено прецизно исечен, како со скалпел, а од таа далечина не можев да го видам (претпоставениот) куп од другиот дел.

Прошепотив: „Тато, нивниот дел стои!“ Тој само силно ми ја стисна раката, давајќи ми знак да замолчам. Но, видов дека Адамовото јаболко силно му заигра под брадата. Претпоставив, можеби од помислата за спротивното. И, не само што замолкнав, туку буквално занемев. Штом се приближивме уште малку, беше јасно дека токму нивниот дел се претворил во купиште бетон, тули, малтер, прозорци, врати… Сѐ беше здробено! Немаше ниту еден бетонски столб да пркоси во височина, ниту една потпорна точка… Како целата зграда, сосе темелите, да била направена од плитар. Последниве години такви, комплетно уништени, згради видов по земјотресите во Албанија и во Турција – не е тешко да се претпостави зошто!

Така, засекогаш ги снема чичко Васил, тетка Марија, Стојан и Мира, заедно со уште 1.050 усмртени на тој кобен 26 јули 1963.

Можело ли димензиите на катастрофата да бидат помали?

Според бројот на жртвите и според огромната материјална штета, земјотресот беше ужасна катастрофа. Како природен феномен, тресењето на земјиштето не можело да се спречи.  Да се зборува, пак, по толку  време, дали последиците можеле да бидат помали, доколку  при градењето на живеалиштата, особено на големите колективни згради, не се губеле од вид бројните дотогашни горчливи  искуства на светот, како и вековната историја на самиот град, е бесполезно и неблагодарно расправање. Но, знам дека дури по катастрофата читавме статии за таквите природни феномени на истиот простор и знам дека поранешниот систем повеќе водеше сметка за квантитетот отколку за квалитетот. Тоните, километрите и бројките беа секогаш во прв план, додека за категоријата „додадена вредност“ одвај стануваше збор. Натпревар не во име на профитот, како што е денес, туку во име на „социјалистичкиот престиж“, „аргументи“ за  легитимирање на системот.

Како и да е, лекцијата беше на дело. Скопје требаше да се обнови, а новите градби, пропишано со закон, мораа да бидат со асеизмичка конструкција. Брзо почна да пристигнува помош од сите страни: во пари, во материјали, во човечки ресурси. Странски експерти ни направија план за развој на градот (прочуениот Кензо Танге), според мислењето на сите, одличен план: се водело сметка за густината на зградите (бројот на жители на квадратен километар), за оптималната катност, за потребното зеленило, за паркинг-просторите и, особено важно, за ружите на ветрот. Експерти, пак, од Обединетите нации детално го испитуваа земјиштето. Во извештајот запишаа дека Скопје лежи на силно трусно (земјотресно) подрачје и нагласија дека сите нови градби треба да се раководат од тој факт.

Играриите со надлежните институции и постепено заборавање на прескапата лекција и на оптималниот план

Во меѓувреме израснаа две исклучително важни институции: Градскиот завод за урбанизам и Институтот за земјотресно инженерство. Првата подготвуваше урбанистички планови и предлози, во согласност со современите стандарди за урбано живеење и сознанието дека Скоје лежи на трусна површина; втората, дали се гради доволно отпорно на потенцијални земјотреси. Во, инаку, партиската држава, овие институции профункционираа запрепастувачки професионално, непартиски, посебно во споредба со сегашната практика во „непартиската“, „демократската“ држава.

По 1990 година, лекцијата од 1963-та почна да фаќа прашина: започна деградирањето на спомнатите важни институции. Сѐ повеќе стануваа вишок во системот. Особено првата, која екстремно ѝ пречеше на политичко-градежната мафија. Првично, од државна институција стана приватно акционерско друштво. Потоа, на 21.04.2017 година, сосема изгоре во неразјаснет пожар, заедно со неверојатно вредната документација и макетата за градот според планот на Кензо Танге. „Злобниците“ велат дека локацијата била фантастична за реализирање нечиј личен профит. Втората институција, сѐ уште дава одобренија за асеизмичко градење но, нека ми простат засегнатите, далеку од ревноста, одговорноста и од педантноста во периодот 1963/1990.

ГУП-овите и ДУП-овите, чаршафи што се менуваат по секој ручек во кафеана

Стампедото на рушење на градежните стандарди и на напуштање на Генералниот план  подготвен од познатиот Јапонец, стана особено незадржливо по усвојувањето на првиот Закон за единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје. Градскиот Завод за урбанизам на Скопје беше супституиран, на прв поглед рутински, од  институцијата „Градски архитект“, всушност, суштински „погребан“ од „преселувањето“ на носењето на стручните одлуки од доменот на професионалните институции во рацете на претставничките и изршно-политичките тела (читај, на софрите на градежно-политичката мафија).

И токму од тогаш, ГУП-овите и ДУП-овите почнаа да се менуваат како чаршафи на кафеанските маси, по секое јадење; се преработуваа, се дополнуваа, и постојано се закитуваа со нови маркици за градење – како на кој партиски клиент и „дародавец под маса“ му е потребно и како кој функционер намерачил да ги наполни своите зембили. И сето тоа прикриено, со тактиката на нојот, со проформа јавни расправи, во кои, јасно, анимистичките племиња воопшто и не учествуваат. Го играат само домородечкиот танц, според сигналите на нивните поглавици. Така, сосема исчезнаа категориите „среднорочно и долгорочно“ планирање и уредување на просторот. Станаа пократки и од роковите за локални и парламентарни избори.

Скопје, модерна метропола, или овоземен пандемониум

Како што напредуваше „демократијата“, како што секој ден сѐ повеќе ги „исполнувавме“ стандардите за влез во ЕУ, така Скопје (и не само Скопје) сѐ повеќе беше деградирано, опустошено и од постојаното ветување дека ќе биде унапредено во „светска метропола“, забрзано почна да се трансформира во овоземен „пандемониум“.

Најграндиозниот скок кон таа библиска претстава на ужасот, беше изведен со лудилото наречено „СК014“.

Кога ги пишував осумте писма до злосторникот Никола Груевски, под наслов „Оди си!“, во едното од нив тема беше „СК014“. Помеѓу другите, таму цитирав и еден став од колумна на исклучително реномираниот, признат архитект и надвор од границите на Македонија, сега покојниот професор Георги Константиновски. Беше објавена во згаснатиот (од истиот злосторник) „Утрински весник“. Разочаран до болка, меѓу другото, Константиновски напиша: „Одев полека и внимателно ги набљудував објектите еден по еден кои се редеа како на филмска лента. Бев свесен дека секоја наредна секвенца што ќе се појави на брегот на реката Вардар нема ниту стручна ниту научна подлога да егзистира во оваа крајбрежна зона забранета за градба поради ризик од земјотреси. Врвните експерти на Обединетите нации ја прогласија оваа зона како крајно рискантна за градба, а доколку треба нешто да се гради, тоа треба да бидат ниски објекти со лесна конструкција и во служба на рекреативната зона како што се приземни павилјони. Овие експерти, исто така, посебно го подвлекоа значењето на Скопското кале, како природен феномен кој ретко се среќава во градовите и во неговото подножје да се избегнат какви било градби со цел таа дарба на природата, не само да се зачува, туку уште повеќе да се разубави со инвентивно партерно и декоративно зеленило. Не можев да си објаснам кој беше тој што дозволил да се гради ваков објект токму на тоа забрането место! Водовод и канализација!“ (подвлеченото е од мене). Така се прашуваше големиот архитект, иако подобро од сите знаеше кој и зошто го сторил тоа – потиснат (заедно со нему сличните) од матни умови што начекале прилика за лекување на фрустрациите поради сопствената инфериорност и приграбиле прилика за лесна и богата заработка. Матни умови што зборуваа за Скопје како светска метропола, а создаваа град убиец – град што не ја убива само автентичната култура туку и самиот (физички) живот.

Режимот падна, нивното дело продолжува

„СК014“ и објавата на снимените мрачни разговори на членовите на бандата што ја држеше власта од 2006 до 2016 година, без сомнение, беа клучниот ингредиент за падот на еден од најголемите злостори и истовремено најголемата кукавица од создавањето на Република Македонија (социјалистичка и клептоманска, во тотал). Тоа  придонесе да се разбуди дел од апатичните млади луѓе и дел од интелектуалците. Тие, (заедно со „странскиот фактор“), сакајќи-несакајќи, му помогнаа на СДСМ по цела декада да дојде во позиција да предводи влада (31 мај 2017 година), која, со многу маки и крвав обид за државен пуч, почна да дејствува дури половина година по одржаните предвремени избори (11 декември 2016 година).

Предизборните и изборните ветувања на „старо-новите дојденци уште ни татнат во ушите: „Ќе се справиме со урбаниот хаос“; „Ќе расчистиме со урбаната мафија“; „Ќе го исчистиме загадениот воздух во градот“; „Ќе го обновиме и зголемиме зеленилото во градот“; „Ќе ги отстраниме грдите, антиидентитетски и кич симболи на најрасипничкиот и најграндиозниот корупциски проект во историјата на Македонија“. И, по цели четири години, ништо од тоа! Ја отстранија само оградата пред Владата, најмалку потребната интервенција. Го отстранија Ќосето од пред Судската палата, оправдано: зашто, судството на „старо-новите“ ќе делело правда без сечење глави, но ги оставија без една „змучка“ токму главите на поголемиот дел од најголемите криминалци. И, скоро ништо!

Потенцијалот на Скопје како град убиец и натаму расте

Воведуваа некакви мораториуми за градба (Центар, Карпош) – завршија бесцелно. Изјавуваа дека собираат документација за покренување процеси за суспензија на објекти спротивни на јавниот интерес – не ја собраа. Глумеа плеонексија – завршија во невидена трансгресија од „лаѓи“, евтини до болка.

СДСМ во Општината Центар не управува „само“ четири, туку цели осум години. Во сиот тој период процесот на пренатрупување на централното градско подрачје, со тоа и причините за натамошно зголемување на стапката на морталитет на градот (од сѐ поголемата загаденост и сѐ повисоките температури), продолжија да се ѕидаат. Продолжи да живее ерата на господата Трајановски и Тодоровиќ, перфектно дисциплинираните и сервилни извршители на „патриотот во бегство“, само со побавна динамика поради традиционалната мрзеливост на кадрите на СДСМ. И таа состојба не е само во општина Центар, така е насекаде во Скопје, насекаде во Македонија.

СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ, сијамски близнаци; нашиот анимистички дух, нашиот genius loci

Oва што се случува со зградите на плацот наспроти „Холидеј Ин“, како и  неинтервенирањето во т.н. „СК014“, не требаше никого да изненади. На некои тоа им беше познато и пред СДСМ да дојде на власт, на други веднаш по доаѓањето. Зошто? Затоа што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се, во основа, Сијамски близнаци. ДУИ е третиот брат, во сѐ еднаков, само со друга етничка генеза. Тие се исти репрезенти на нашиот преовладувачки анимистички дух. Тие се нашиот genius loci. Еве само три (од неброено глупавите, безобразни и дрски) изјави на претставници од СДСМ кои парадигматично ја илустрираат сличноста со претходниот „двоец“.

На 5 февруари 2019 година, на трибина во Охрид, првиот човек на СДСМ, во својство на премиер на Владата на Македонија, рече: „Чичко Никола (одговарајќи му на инвеститорот на хотелот дивоградба во Лагадин), разменивме неколку пати пораки. Давав насоки на министерот, на Митко, шефот на кабинетот, и го знам проблемот. Неколку пати Министерството за транспорт и врски носи позитивна одлука, но таа се враќа… Има една работа, премиерот интервенира оти правото е на ваша страна, министерот интервенира оти правото е на ваша страна. Дури и да постои правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, не може ‘не бива’. Ќе најдат начин како да биде ‘да’! Ако треба, јас ќе ја земам под раце второстепената комисија и ќе дојдат тука и ќе го решиме (случајот) до крај“.

На 10.07.2021 година, од Кабинетот на претседателот на државата ни соопштија дека Ватикан преку својот државен секретар Пајето Пароли, со кого се сретнал претседателот, барал да се доизгради споменикот, дивоградбата, за Мајка Тереза, на плоштадот Македонија, а спомен куќата на улица Македонија да биде управувана од Католичката црква. Барањето на Ватикан било препратено до Министерството за надворешни работи, а тоа го проследило до Министерството за култура, до Градот Скопје и до општината Центар.

На 18.05.2021 година, градоначалникот на општина Центар  соопшти дека во некоја пригода им рекол на членовите на Антикорупциската комисија „да си ја фатат работата за која што земале плата“. Замислете! И, според тоа што гледал, и според тоа како се најавува дека се постапува, всушност (длабокоумно) заклучил дека „никако не се постапува“.

Не е потребно да наведуваме и понесоодветни, и подрски изјави од овие (а ги има премногу), за да се види каков општествен „систем“ имаат во главите овие луѓе?

Премиерот како Андриќевиот Караѓоз

Според првата изјава, премиерот дејствува како Караѓоз од Андриќевата „Проклета авлија“ – виновните ги ослободува, невините ги остава во притвор. „Воодушевува“ со својот систем за правда. Имено, нашиов Караѓоз зборува за евентуален формално-правен проблем. А го прескокнува извештајот на Инспекторатот за животна средина што зборува за суштината: „Градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои (со закон) не се дозволени објекти од тврда градба“. Тој не зборува ни за тоа зошто СДСМ, пред да дојде на власт, држеше десетици протестни конференции за истиот објект. Па, нема друго освен да заклучиме дека инкарнираниов Караѓоз уште еднаш уринираше врз правната држава, врз борбата против мафијата, врз целото СДСМ, а секако и врз себеси. Последново му е дозволено, како уставно право.

Втората изјава, соопштението од Кабинетот на претседателот, нѐ информираше само за тоа што претставникот на Ватикан побарал на средбата со нашиот претседател, но не и што тој му одговорил. На пример, не знаеме дали им рекол дека тој споменик, на тоа место, е нешто полошо од некоја градба поставена во средината на дворот на црквата „Св. Петар“ во Рим, или уште подобро, пред балконот или прозорецот од каде Папата им испраќа пораки на католичките верници, па и на целиот свет. Не знаеме ни тоа дали прашал колку споменици (на пример, на 10.000 жители) Македонија треба да ѝ изгради на Мајка Тереза. Бидејќи тоа не ни е соопштено, засега ќе мислиме дека нашиот претседател ја прифатил само улогата на добар поштар, можеби и затоа што „Македонски пошти“ се во катастрофална состојба, па трансферот по сите основи е крајно несигурен.

Третата изјава е, всушност, хируршки прецизен опис на нашата денешна јавна администрација. Градоначалникот на општината – општина со формално највисок коефициент на образование во Републиката – е денешниот доминантен профил на државните и локалните чиновници. Антикорупциската комисија, а не тој, не ја завршила неговата работа. Четири години божем нешто расчистува. Исто толку се сопка со имбецилни и противречни изјави. Олеснителна околност му е што „ич“ не е осамен и што тоа го прави во остра конкуренција. Трчкара по поситни синекури за себеси, дозволени „од горе“, во големите не смее да се меша, како оваа кај „Холидеј Ин“, но мора да глуми дека се меша во својата работа. За такви е надлежен само Караѓоз, во рамките на границите договорени со другиот валија и другиот Караѓоз. Договорено ни го арчеше времето со формирање разни комисии за преиспитување на градежните решенија. Испрати и писма до Министерството за транспорт, држејќи ја јавноста (онаа, мала, што сé уште не заспала) во драмска неизвесност. Надлежното министерство одговараше дека божем подготвува одговор. Конечно, кога планираното време истече, му даде некаков, всушност никаков одговор, за веднаш потоа да се откаже и од таквиот никаков одговор, откако дополнително „проучило“ дека само Општината била надлежна за таквите случаи. „Скапан од напорна работа“ (а не како Антикорупциската комисија), откако „ги исцрпил“ сите можности, типичниот репрезент на нашата јавна администрација, формално го потпишува решението за градба на трите нови дваесеткатници, на оддалеченост што не е поголема од досегот на неговиот капацитет да дофрли плуканица до реката Вардар. Всушност, го потпишува веќе потпишаното решение што стоело во фиоката на Караѓоз уште пред да дојде на власт, ама сега бил моментот конечно да се обзнани дека немало друг избор. Така, на уште едно место од ретките слободни простори за озеленување на градот, ќе добиеме нови 60 катови бетон, три потенцијални колективни гробници во градот кој се поинтензивно се убива себеси.

Континуитет на клептоманските двојки

Всушност, уште еднаш се потврдува дека главната новина во урбаната политика на Скопје (и не само на Скопје) е што до пред четири години неа ја водеше клептоманската двојка ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а оттогаш до денес, исто таквата, само составена од СДСМ и ДУИ. За да можат клептократите непречено да дејствуваат, секој ден напредуваат во депрофесионализацијата и кретенизацијата на јавната администрација. Така се безбедени дека никој нема да им каже: „Вака не може!“

Нив не ги интересира дали во скопскиот земјотрес од пред 58 години морало да загинат толку многу луѓе и дали морало да има толкава материјална штета. Не ги интересираат препораките од експертите на ОН дадени по тој грозоморен настан. Или не чуле за нив, или ги сметаат „застарени“. Не ги интересира што пишувале и што советувале експерти од форматот на професорот Константиновски и други бројни величини од регионот.

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Не им е грижа дали и колку од денешните градби се можеби потенцијални масовни гробници во случај на земјотрес. Ништо не им значат досегашната историја на градот и  стручните сознанија на експерти од највисок ранг. Не водат грижа за тоа какви услови треба да исполнуваат   инвеститорите, уште повеќе изведувачите на градежните работи, зашто самите тие преку ноќ формираат фирми со еден вработен за непречено да се одвиваат клептоманските проекти.

Не ги интересира колку досегашниот урбанистички хаос во главниот град учествува во стапката на смртност на истиот. Како создавачите на таквиот хаос де факто станаа убијци без умисла, заслепени од алчноста за профит. И додека некој не ги принуди да размислуваат за овие прашања, или не ги замени со други, кои би размислувале, македонскиот сенкруп ќе се шири и ќе се продлабочува како рај за балегарите.

Засега, психопатската рамнодушност на тоа што се нарекува општество, не ветува многу. Затоа, единственото прашање во врска со градбите кај „Холидеј Ин“ е: Кој колку лапнал?

Поврзани содржини