„Денови“ од Рацин во метал варијанта на велешанецот Тодоров (ВИДЕО)

„„Денови ли се денови, аргатски маки големи! “ - одекнуваат стиховите на Рацин во прогресив-метал рефренот испеан од Александрос Павлидис.

437

Младиот велешанец Давид Тодоров реши да ги овековечи стиховите од „Денови“ на Рацин во метал варијанта, а видео-спотот веднаш привлече гледаност на каналот Јутјуб. Песната за работничките маки е снимена во Dino’s Home Studio и ја пее Александрос Павлидис, а спотот кој е на Петар Тутунџиев ги прикажува рушевините на Стоби и делови од куќата на поетот Рацин.






– Идејата за песната ја добив читајќи го текстот кој е безвременски и до ден-денес многу малку работи се сменети – вели 21-годишниот Тодоров кој ја компонирал музиката, а потоа побарал музичари да ја отсвират.

Тодоров е познат по тоа што свири во разни бендови во Велес. Вели дека е задоволен од својата прва авторска песна, од пијаното и оргулите, од спојот на старото и новото, од прогресив-метал призвукот на песната, од беспрекорниот вокал.

– Дополнително за да се долови идејата на песната, го зачинивме спотот со најразлични снимки од работници денес, на кои што слушајќи го текстот неминовно помислуваме – објаснува тој.

Идејата на Тодоров брзо се ширела и допрела до новинарот Сашко Кукулев, кој е одличен познавач на делото на Рацин. Во кафето „Драма“ во Велес, на промоцијата на видео-спотот, Кукулев цитираше делови од свој текст посветен на Рацин:

– Ние се раѓаме со научени стихови, им се радуваме на првите планински цвеќиња со кои самовилите  те овенчуваат со секои нови бели мугри. Имаме силно оружје, со стихот удираме по неправдата, во болка-со стих воздивнуваме… а ти… конечно имаш право да се разлееш во насмевка… да погледнеш од пиедесталот на горската светлина и да видиш кој дошол во твојата планинска одаја на вечноста… сѐ Рацин до Рацин – се вели во текстот.

Песната била снимана и работена месец дена во студио. Аранжманот е на Симеон Иванов, а продуцент, басист и тапанар е Дино Зукиќ.

Во продолжение, оригиналниот текст на „Денови“ од Кочо Рацин:

Денови

Како на вратот гердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале.

Денови ли се – денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
Дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —

ај, пусти да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек — роб биди
роди се човек — скот умри,
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.

За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!

За себе само ргај си
за себе маки тргај си —
нижи си гердан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен
околу вратот навезен!

Поврзани содржини