ВАНЧО ПОЛАЗАРЕВСКИ Е ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ОЛИВЕРА НИКОЛОВА“ Хуморот е главен лик во романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова, на 11 март минатата година.

1

Ванчо Полазаревски ја доби книжевната награда „Оливера Николова“ за 2026 годин за романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“. Наградата му беше врачена на Меѓународниот ден на детето, во присуство на деца, автори, книжевници и читатели од сите генерации, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ вчеравечер (1 јуни).

Покрај врачувањето на признанието за најдобар необјавен роман за деца и млади, се одржа и промоција на наградениот роман. Покрај авторот, пред присутните се обратија: Оливера Ќорвезироска, уредничка и писателка, Ермис Лафазановски, првиот добитник на наградата во 2025 година и Јана Андреевска, ќерка на Оливера Николова.






Членовите на жири-комисијата истакнаа дека вториот добитник на наградата е избран со едногласна одлука, нагласувајќи ги оригиналноста, хуморот и современиот пристап што ги носи романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“.

– Годинашниот добитник на наградата „Оливера Николова“, романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ од Ванчо Полазаревски, ја актуализира важноста на екологијата и сфаќањето на околината и на природата како наш единствен, вистински и заеднички дом. Тоа го прави на даровит, невообичаен, редок, мошне забавен, читлив и на ведар начин, при што веселоста ѝ претходи на сериозната порака, без да ја спречи да допре до читателите веднаш откако ќе стивне смеата и ќе се затвори последната страница на романот – рекоа од жирито.

Во името на семејството на Оливера Николова се обрати нејзината ќерка, Јана Андреевска, која рече:

– Кога ја прашуваа мајка ми што за неа значи пишувањето за деца, таа често знаеше да рече: „Пишувањето за деца ми овозможува да се вратам во детството – не во она што јас го имав, растејќи во воени услови, туку во детството што секое дете заслужува да го има, во кое безгрижно си игра“.

– Пишувањето за деца е привилегија, затоа што ти овозможува да влезеш во бесконечното царство на фантазијата, каде што можеш да сретнеш самовили, вампири, розови слонови и да создаваш приказни на која било тема. Во мојот роман главен јунак е хуморот, но приказната е инспирирана од реалноста. Таа е автентична и произлегува од моето секојдневие во населбата каде што живеам – Капиштец. Всушност, „Капи и Штици“ е уметничкото име за Капиштец. Таму, наместо да цветаат цвеќиња и дрвја, често цвета натрупаниот отпад. Токму тој судир меѓу убавото и грдото е движечка сила на приказната, затоа што без конфликт нема приказна. Дилемата како да се среди ѓубрето во Капиштец ја поставив и пред вештачката интелигенција, но компјутерот едноставно прегоре. Затоа, во приказната повикав помош од други галаксии. Иако во романот добрите победија, а лошковците си заминаа, во реалноста сликата сè уште не е идеална. Преку хуморот сакав да испратам порака до децата што ќе ја читаат книгата – да се грижат за својата околина. Читањето треба да биде исполнето со љубов и со смеење. И покрај тоа што денес многумина се потпираат на вештачката интелигенција за читање и за пишување, ние, последните Мохиканци што сè уште пишуваме, продолжуваме понатаму. Идејата да се напише роман за деца е фантастична. Пишувам брзо и со леснотија, па понекогаш и самиот се чудам како музата сè уште не ме напуштила, иако веќе сум во сериозни години. Шегата настрана, навистина сум благодарен за наградата. Особено сум среќен и од тоа како изгледа книгата. Ликовно-графичките решенија, како и илустрациите на Здравко Гиров, се фантастични, ја следат приказната и прекрасно ја надополнуваат – рече Полазаревски.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова, на 11 март минатата година. Оливера Николова почина на 3 ноември 2024 година. Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитетот на големото авторско име на Николова преку симболично творечко надоврзување на нејзината трага во современата македонска книжевност и да се ревитализира еден од жанровите во кои таа создаваше – романот за деца и за млади. „Арс Ламина“ веќе го распиша и третиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за 2027 година.

Романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ е достапен во сите поголеми книжарници, како и онлајн преку www.literatura.mk.

Поврзани содржини