Каде одат рекордните донации на милијардерите?

Сигурно милијардерите ќе продолжат да ја „полираат“ својата репутација користејќи ги своите донации.

418

Разделбата на еден од најбогатите парови во светот – Бил и Мелинда Гејтс, ја покрена дебатата за ефектите врз нивната добротворна организација.

Излегува дека во моментов најбогатите луѓе на планетата донираат пари со невидена брзина, пишува „Блумберг“.






Добротворната фондација Бил и Мелинда Гејтс е една од највлијателните во светот со активи над 50 милијарди долари.

По разводот од Џеф Безос во 2019 година, Мекензи Скот подели повеќе од 6 милијарди долари на разни добротворни организации. Нејзиниот поранешен сопруг вети дека ќе донира 10 милијарди долари на „Фондот за Земјата“, иницијатива насочена кон борба против климатските промени.

Во исто време, личното богатство на двајцата расте со уште побрза стапка, при што зголемувањето на нивните средства во последниве години е далеку поголемо од сумите донирани од нив за разни филантропски цели.

Дури и „новодојденците“ на списокот со милијардери даваат рекордно дарежливи донации, пишува „Блумберг“. Еден од креаторите на криптовалтутата етериумот, Виталик Бутерин, донираше 1 милијарда долари на индискиот фонд за борба против ковид-19. Донацијата беше во форма на криптовалутата „Шиба Ину“.

Сепак, за време на пандемијата со ковид-19, финансискиот „јаз“ помеѓу супер-богатите и остатокот од планетата значително се прошири, што уште еднаш ја крена дебатата за важноста и улогата на филантропите.

– Милијардерските донатори секогаш се предмет на големо внимание и почит, но всушност тие заслужуваат многу посериозна контрола и барања за отчетност. Се повеќе луѓе се сомневаат дека богатите, кои имаат милијарди, не се навистина заинтересирани за решавање на глобалните проблеми – рече Линзи Мекгој од Центарот за економска социологија и иновации на Универзитетот во Есекс.

Во голема мерка, денешниот имиџ на филантропи се должи на заедничката иницијатива за донации на семејството Гејтс и американскиот милијардер Ворен Бафет во 2010 година. Тројцата ветија дека ќе донираат најголем дел од своите лични средства во добротворни цели во текот на животот или по смртта. Потоа тие ја повикаа и останатата светска елита да го стори истото.

Сепак, овој „завет за донација“ не е обврзувачки. Едноставно, тоа е јавно морално тврдење и секој што изјавил дека ќе донира одредена сума пари на одредена кауза, секогаш може да се предомисли дури и без да мора да ја објави својата одлука.

Од друга страна, изборот на иницијативи за поддршка не е секогаш лесен. Некои од милијардерите дури и се консултираа на социјалните мрежи за ова прашање.

Основачот на „Тесла“, Илон Маск, на пример, побара идеи од корисниците на „Твитер“ како да го донира своето богатство од 172 милијарди долари. Џеф Безос направи нешто слично.

Мекензи Скот, од друга страна, зазеде малку поинаков пристап кон управувањето со нејзините лични средства. Таа ги дистрибуираше своите донации на стотици помали фондации и организации кои честопати ги занемаруваат големите филантропи. Таа вети дека ќе биде многу внимателна во распределбата на средствата, но во исто време воопшто нема да го одложи „празнењето на нејзиниот сеф“.

Многу од најбогатите луѓе на планетата донираат средства за самоосновани фондации, кои потоа одлучуваат конкретно за кои проекти да донираат.

Во 2019 година, индискиот технолошки магнат Азим Премџи вети дека ќе ја финансира својата добротворна фондација со 7,5 милијарди долари во акции на неговата компанија. Минатата година, коосновачот на „Најк“, Фил Најт, донираше 900 милиони долари за сопствената фондација и уште 300 милиони долари на универзитетот на кој дипломираше.

Поранешниот извршен директор на „Гугл“, Ерик Шмит и неговата сопруга Венди донираа 150 милиони долари за истражување на биологијата и вештачката интелигенција.

Некои супер-богати луѓе се свртуваат кон алтернативни финансиски структури, наречени фондови советувани од донатори. Ова им овозможува да го објават износот на своите донации за да можат да имаат корист од даночно олеснување, но во подоцнежна фаза да проценат кои се конкретните иницијативи што ќе ги поддржат.

Сигурно милијардерите ќе продолжат да ја „полираат“ својата репутација користејќи ги своите донации.

Бил Гејтс е доказ дека овој механизам работи беспрекорно – во последната деценија тој успеа да стане во очите на пошироката јавност од немилосрден менаџер на една од највлијателните технолошки компании до добродушен возрасен филантроп кој сака да ги реши глобалните проблеми.

Поврзани содржини