СОНК се закани: Нема пари за двојни часови, нема свидетелства за учениците!

Од синдикатот ги повикаа училиштата, локалните власти и Министерството за образование до 1 јуни да ги исплатат наставниците кои работеле повеќе работни часови за време на пандемијата бидејќи во спротивно ќе се соочат со штрајк и неиздавање свидетелства за учениците.

449

Министерството за образование апелира до училиштата и до општините да ги исплатат прекувремените часови работа на наставниците, откако Синдикатот на наставниците предупреди дека учениците нема да може да ја завршат учебната година ако наставниците не добијат пари за прекувремена работа.

Од синдикатот ги повикаа училиштата, локалните власти и Министерството за образование до 1 јуни да ги исплатат наставниците кои работеле повеќе работни часови за време на пандемијата бидејќи во спротивно ќе се соочат со штрајк и неиздавање свидетелства за учениците.






– За време на пандемијата наставниците работеа повеќе, односно бројот на часови за настава им беше зголемен бидејќи децата беа поделени во две групи. За жал, власта и институциите не го препознаа зголемениот обем на работа на наставниците и не исплатија додатоци. Од Министерството за образование велат дека имаат префрлено средства за оваа намена на општините, но според нашите информации од терен, оттаму велат дека нема пари. Впрочем, нас не нѐ интересира дали има пари или не, важно ни е да се почитуваат законите – вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Неделков рече дека Трудовата инспекција не постапила професионално зашто не препознала дека наставниците работат двојна работа, а додаде и дека иста е ситуацијата и во градинките, каде што воспитувачите и негувателите биле принудени да работат по 8 часа.

Веќе во некои училишта од Куманово била донесена одлука за штрајк ако до 1 јуни во платниот список не се пресметаат сите средства што се должат.

Од МОН пак соопштија дека редовно и навремено ги уплаќаат блок дотациите кон локалните самоуправи, согласно динамиката со којашто тие ги доставуваат барањата.

„Работата и посветеноста на наставниците треба да се вреднува и почитува, посебно во услови на пандемија кога сите заеднички вложивме максимални напори да имаме успешна учебна година. Министерството за образование и наука апелира до локалните самоуправи и училиштата да го почитуваат Законот и да ги исплаќаат надоместоците за прекувремена работа на наставниците“, се наведува во соопштението од МОН од каде потсетуваат дека во октомври испратиле писмо до сите училишта со кое ги потсетуваат на законските обврски дека за наставниците кои извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа, за што се обезбедени средства.

Од МОН велат дека одговориле, појасниле и дале детални инструкции за постапување на секое училиште и општина која се обратила со барање за појаснување како да постапи во врска со пресметките за плата.

Поврзани содржини