Од јуни платени дежурства и здравствено за приватните специјализанти
Во следниот период треба да се финализира уште едно отворено прашање, а тоа е дефинитивното вработување на приватните специјализанти.
Сите приватни специјализанти кои досега немаа здравствено осигурување, односно не биле пријавени за работа во друга приватна здравствена установа, а добиваат надоместок за работа како приватни специјализанти, од јуни ќе добиваат дополнителна сума со која ќе биде покриен трошокот за здравствено осигурување. Ќе бидат платени сите дежурства кои тие ги прават како специјализанти во рамки на институциите во кои специјализираат, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Сумата за дежурства се движи од 1.800 до 3.600 денари во зависност од тоа дали се дежура во нормален работен ден или за викенд или за празник со што вкупната сума дополнителна која ја добиваат на веќе постоечките 30.000 денари бруто. Сумата може да достигне и до 50 проценти повеќе од тоа што сега го добиваат.
Во следниот период треба да се финализира уште едно отворено прашање, а тоа е дефинитивното вработување на приватните специјализанти.
Доктор Александра Георгиева, специјализант по кардиологија и претседател на Здружението на лекари и специјализанти истакна дека решавањето на овие прашања претставува исклучително значаен момент за секој приватен специјализант во државата.
– За првпат дежурствата ќе бидат исплатени согласно бројот на дежурства во тековниот месец. Уште поважен момент е здравственото осигурување, бидејќи ќе овозможи секој лекар во институцијата или во државните институции да може бесплатно да се лекува. Уште поважно е дека се надеваме овие мерки да овозможат и поквалитетна здравствена заштита за пациентите. Што се однесува до вработувањата, се надеваме дека овој процес ќе биде заокружен со вработување и нашата држава ќе може да се пофали дека нема невработени лекари – рече Георгиева.