Средба на организаторите на бојкотот на наставата и претставници на МОН
Организаторите на протестот бараат да се организира јавна расправа за предложениот закон, а нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции.
Претставници на неформалната фејсбук-група граѓани „Учебници и настава мора да има“, која повикува на бојкот на наставата, денеска ќе има средба со претставници на Министерството за образование и наука за да ги презентираат своите барања.
Драгана Спасевска од фејсбук-групата соопшти дека денеска треба се сретнат со претставници на МОН, на која поради обврски нема да присуствува министерката Мила Царовска.
Спасевска тврди дека бојкотот во училиштата, кој го почнаа минатиот четврток, е помасовен и имаат се поголема поддршка за нивното барање да се стопира постапката за донесување на законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.
Тие бараат да се организира јавна расправа за предложениот закон, а нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции.
Според нив, предлог-законот не ги решава проблемите што постојат во образованието и генерира нови, има и недоследности и импликации во останатите закони што се однесуваат на образованието во земјава.