„Поплавена” кампања
Благодарни сме ви, „другари“, оти на битолчани очите му ги отворивте, за нареден пат ко ќе одат да заокружат да размислат. Да се сетат кој шо праел и дали праел нешто. Да се сетат дали некој воопшто работел, или се занимавал со уништување на нечии кариери и животи. Да се сетат дали некој се вработил по заслуга, или морало да е од партијата. Да се сетат дали некој им се заканил, или доброволно ги оставил да мислат. Да се сетат колку вреди битолската гордост.
Лажните ветувања на локалната власт во Битола ги однесе првата временска непогода, исто како потпорниот ѕид на реката Драгор. Разликата меѓу природната непогода и неспособноста да водиш процеси во градот е огромна и видлива.
Ни нарачаните прилози по некои медиуми кои се платени од сите нас со наши пари, ни сите цензури на нормалната критика, не можат да ја скријат вашата неспособност, „другари“. Шо би рекле старите „ем кабаетлии ем топузлиии“.
Само Вие напаѓајте неистомисленици, цензурирајте ја секоја критика… Ќе дојди денот на одлука. Денот на изборите кои следат годинава. Шо би рекле битолчани, тогаш „кучињата со маст нема да ве јадат”.
Само продолжете така, „другари”, ама заборавате оти секоја приказна има почеток и крај. Сите лаги и целото неработење ви излегоа на виделина и сега кој ви е крив? Граѓаните, опозицијата, сите останати… само не вие.
Градежниот бум ви излезе само трес. Ама проблемот не е шо пробвате, туку шо пробвате со наши пари! На сите ни рековте во 2017 година дека спремни идите на власт. Тешко нас со вас, тешко на Битола со вас. Некадарни, агресивни и арогантни. А не сфаќате дека сте само привремени управувачи со парите на битолчани, исто како и сите пред вас, исто како и сите после вас.
Толку сте неспособни шо дури и за момент, кога ве оставивме без критика заради состојбата со ковид пандемијата, вие самите почнавте јавно да се расправате меѓу себе. Кој бил поголем „работник” и „жртва” за Битола. А всушност, целта е само кој ќе биди „кандидато”. То му иди како цел без суштина, во вашиот случај. Ниту за градо ви е гајле, ниту за граѓаните.
Им ја потценвате интелегенцијата на Битолчани и мислите дека само со сликање се покажва љубов кон Битола. Да не беше трагично, ќе беше смешно! Ама благодарни сме ви, оти на битолчани очите му ги отворивте, за нареден пат ко ќе одат да заокружат да размислат. Да се сетат кој шо праел и дали праел нешто. Да се сетат дали некој воопшто работел, или се занимавал со уништување на нечии кариери и животи. Да се сетат дали некој се вработил по заслуга, или морало да е од партијата. Да се сетат дали некој им се заканил, или доброволно ги оставил да мислат. Да се сетат колку вреди битолската гордост. Фала ви за тоа шо ни покажавте дека и кога мислевме дека не можи полошо од претходните, тука бевте да нѐ демантирате.
Локалната кампања е веќе започната за вас, а за нас никогаш не престанала, оти кампања значи да работиш за градот секој ден, секој месец, секоја година. Кампања значи да го оправдаш она шо си го добил од граѓаните, како доверба на претходните избори. А за вас? Граѓаните за Вас постојат само неколку месеци пред избори, да ги потцените, да ги понижите и да заборајте дека постојат откако ќе стигните до целта.
Битола е идеал, а не материјал за крепење на нечија суета! Сѐ ќе биди, битолчани, само трпение…