Постигнавме договор со ДУИ за состав на новата влада, соопшти лидерот на СДСМ, Зоран Заев и објави дека тој ќе ја предводи владата во сите четири години на мандатот.
Сто дена пред истекот на четиригодишниот мандат, ДУИ ќе предложи премиер, кој ќе ја предводи владата до изборите. Пржинската влада ќе се укине.
По лидерската средба и по изјавата на Заев, договорот го потврди и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој рече дека новата коалиција е поставена на здрави темели и дека е убеден дека новата коалиција ќе биде една од најуспешните.
Заев нагласи дека во преговорите лидерот Ахмети покажал огромна доблест и големина.
Двајцата лидери не соопштија детаљи од договорот за поделбата на владините ресори и за тоа кој ќе биде претседател на Собранието.
Договорот ќе биде презентиран и доставен на одобрување пред органите и телата на двете партии, рече Заев во изјава по лидерската средба.
Заев вети дека новата влада ќе се посвети на неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата, прочистување на правосудството и проверка на потеклото на парите и имотот кај секој функционер. Ќе се намалат и привилегиите на функционерите, а обемот на администрацијата ќе се намали за 20 отсто.
Заев нагласи дека ќе се работи и на промена на изборниот модел веќе за следните локални избори.