Меѓународна организација на трудот: Државата да ги подготви работните места за повторно враќање на вирусот
Даниела Ѕампини, виш специјалист за вработување, од Меѓународна организација на трудот во интервју за МИА вели дека ако во периодот на мерки за изолација и ограничено движење поради кризата предизвиката од коронавирусот, беше потребно да се стави акцент на зачувување на работниот однос и одржување на работните места и приходи, сега во фазата на реактивација, земјата треба да додаде дополнителни цели, вклучително и подготовка на работните места за можно повторно враќање на вирусот.
Неопходно е, вели таа, државата да продолжи да презема мерки за зачувување на бизнисите и работните места, особено за младите. Тоа, потенцира таа, не е само правилно нешто со кое би се спречило создавање „затворена“ генерација. Оваа заложба би можела да има позитивен ефект на одржување на вкупната побарувачка во блиска иднина.
Се разбира, додава Ѕампини, важно е да се има преглед на расположливиот фискален простор пред да се започне со примена на сложени мерки, со широк опсег и амбициозни цели во однос на опфатот. Сепак, пред инвестирање во програми за поддршка на вработеноста треба да се земат предвид и макроекономските аспекти.
Неодамна на барање на Економско-социјалниот совет имаше препораки за зачувување на работните места и заштита на бизнисите во Северна Македонија. За тоа, колку од нив се вградени во мерките што ги донесоа надлежните и што дополнително треба да се направи за да се зачуваат што е можно повеќе работни места и да се заштитат повеќе бизниси Ѕампини вели:
– Како директен резултат на препораките предложени во Анализата направена од Меѓународната организација на трудот, Владата донесе Уредба со која се прошири опфатот на шемата за надоместоци во случај на невработеност на сите работници кои имале прекин на работен однос во периодот од 11 март до 30 април 2020 година. Со оваа мерка се опфатија сите работници во времетраење од два месеца од денот на прекин на нивниот договор, без разлика на времетраењето на нивниот договор за вработување и се однесува на сите начини на прекин на договорот, дали од страна на работникот или работодавачот или со спогодба. Иако времетраењето на опфатот е покусо во споредба со препораката дадена во Анализата, сепак ова е чекор во правилна насока за одговор на негативните последици од кризата предизвикана од ковид-19 врз ранливите работници.
Очекуваме дека и на другите препораки од Анализата ќе им се даде дополнително внимание, со оглед на тоа што Економско-социјалниот совет на својата 59-та седница одржана на 2 јуни, ја усвои истата. Треба да се преземат повеќе активности за заштита на работниците и компаниите: една од важните работи која се истакнува во Анализата е преземање на мерките во соодветно време. Правилните политики треба да се преземат во вистинско време со цел да се максимизира резултатот од вложувањето. Во период на мерки за изолација и ограничено движење, беше потребно да се стави акцент на зачувување на работниот однос и одржување на работните места и приходи; во фазата на реактивација, земјата треба да додаде дополнителни цели, вклучително и подготовка на работните места за можно повторно враќање на вирусот.
На прашање, дали има можности земјава да ги преземе сите мерки со оглед и на ограничените приходи со кои располага таа вели:
– Се разбира, важно е да се има преглед на расположливиот фискален простор пред да се започне со примена на сложени мерки, со широк опсег и амбициозни цели во однос на опфатот. Сепак, пред инвестирање во програми за поддршка на вработеноста треба да се земат предвид и макроекономските аспекти. На пример, во Анализата се истакнува важноста од продолжување на поддршката, па дури и проширување на мерките за вработување на младите. Инвестирањето во работни места за младите не е само правилно нешто со кое би се спречило создавање на „затворена“ генерација. Оваа заложба би можела да има позитивен ефект на одржување на вкупната побарувачка во блиска иднина.
Во услови на ковид-19, како потрошувачи, младите се помалку ограничени од здравствени проблеми во споредба со повозрасните работници кои ќе се воздржат од потрошувачка со високо ниво на контакти (патувања, ресторани), а веројатно и од вложување во недвижности и трајни производи. Со инвестиции во одржување на работните места и приходите на младите луѓе во Северна Македонија би се поддржале претпријатијата во нивните обиди за закрепнување во време кога потрошувачката на добра и услуги од повозрасните работници не е доволна за да се придвижи и одржи вкупната побарувачка. Инвестирањето во работни места за младите луѓе е во крајна линија стимулативен пакет. Во Анализата се истакнува дека Владата на Северна Македонија беше некако штедлива во почетната фаза од кризата. Веројатно има простор за зголемување на инвестициите, особено за мерките за кои постои трипартитен консензус меѓу Владата и социјалните партнери.