Лагард: ЕУ не треба да доцни со економската помош
Таа исто така предупредува дека најлошото сценарио во Еврозоната може да биде пад на БДП-то од 15 проценти
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард ги предупреди европските лидери за ризикот дека прават предоцна и премалку за да се заштити европската економија од ефектите од пандемијата на коронавирусот, дознава „Ројтерс“, повикувајќи се на официјални кругови во Брисел.
Според изворот на „Ројтерс“, кој е добро упатен во содржината на говорот, за време на попладневната видео-конференција со европските официјални претставници, Лагард ги повика лидерите во ЕУ што поскоро да воспостават силен и флексибилен фонд за економско закрепнување, кој ќе им овозможи на европските влади соодветно да одговорат на фискалните предизвици за време на економското закрепнување.
Лагард исто така предупредува дека најлошото сценарио во Еврозоната може да биде пад на БДП-то од 15 проценти и дека економскиот раст може да биде за 9 проценти понизок од лани.