Бочварски разговарал со претепаната девојка, понудена е помош за да го надмине хоророт
Од сите нас зависи залекувањето на раните, и буквални, и фигуративни, од грозоморниот настан кој вчера го посведочивме.
Во мојот кабинет денеска остварив средба со Катерина која беше цел на напад во потресното видео објавено вчера, а беше придружувана од страна на Благица Киров од НВО „Ехо“ Штип, информираше на социјалните мрежи градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски.
– Општина Штип и јас како градоначалник стоиме на располагање за да го олесниме овој процес на стабилизирање и нудиме помош, меѓу другото и финансиска поддршка, но и сѐ друго што може да ѝ затреба во идниот период. Стапив во контакт и со службите од Центарот за социјални грижи, од каде добив позитивен повратен одговор за соработка и одлучност сите заеднички да ѝ овозможиме да го надмине овој хорор што нѐ згрози и потресе – вели Бочварски.
Тој апелира до сите граѓани да покажат висока свест и да се воздржат од коментари со кои вршат двојно виктимизирање.
– Од сите нас зависи залекувањето на раните, и буквални, и фигуративни, од грозоморниот настан кој вчера го посведочивме. Со нашата одлучност, многу разбирање и институционална поддршка да овозможиме Катерина да го надмине овој тежок период, а со позитивна промена на начините на изразување, говор и однесување да придонесеме вакви немили настани повеќе да не се случуваат – рече Бочварски.