ЗЕЛЕНИКОВО ЈА ПОДОБРУВА ПАТНАТА ИНФРАСТРУКТУРА Перински нагласил дека Владата ќе продолжи да инвестира во општините
На првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти, на Општината ѝ беа одобрени три проекти, а на вториот повик, таа аплицираше за седум проекти.
Во рамките на иницијативата „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински, денеска ја посети Општина Зелениково, каде што одржа работна средба со градоначалникот Коста Маневски и членовите на општинскиот Совет.
Средбата, како што соопшти Министерството, била искористена за размена на идеи и ставови во однос на актуелните предизвици со кои се соочува општината, но и за планирање идни чекори за понатамошен развој и напредок на локалната самоуправа. Фокусот бил ставен на најважните приоритети за подобрување на животните услови на жителите и за унапредување на инфраструктурата.
На средбата бил разгледан предлогот за измена и дополнување на Законот за локална самоуправа.
Министерот Перински истакнал дека оваа измена ќе донесе значајни подобрувања во управувањето на сите општини, со зголемена отчетност и транспарентност, што ќе овозможи поефикасни услуги за граѓаните. Според министерот, измените ќе ги зајакнат општините и ќе им овозможат да се справат со предизвиците со кои се соочуваат, создавајќи подобри услови за живот.
Општина Зелениково, која се наоѓа во јужниот дел на Скопската котлина и ја сочинуваат 14 населени места со рурален карактер, сериозно го насочува својот фокус на подобрување на патната инфраструктура. На првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти, на Општината ѝ беа одобрени три проекти, а на вториот повик, таа аплицираше за седум проекти.
Министерот Перински нагласил дека Владата ќе продолжи да ги поддржува локалните самоуправи и да инвестира во нив што е од големо значење за остварување на заедничките цели за создавање пофункционални и современи локални заедници.
Поддршката од Владата, како што било нагласено на средбата, претставува значителен фактор за успешната реализација на инфраструктурни проекти и за обезбедување континуиран развој на сите општини и региони. Поддршката со засилен интензитет ќе продолжи и во иднина во насока на создавање пофункционални општини кои овозможуваат подобро секојдневие за сите, велат од Министерство за локална самоуправа.