ГОЛЕМА АИ ТРКА НА БАЛКАНОТ, КАДЕ СТЕ МАКЕДОНЧИЊА? Грција и Бугарија градат дата центри вредни милијарди, ние од зелка ќе живееме

Веста дека АИ центарот на Амазон ги вложува првите од планираните 5,8 милијарди евра во северозападна Грција е опомена за сите кои неразумно ги кочат амбициите на Македонија да фати приклучок кон новата технолошко-индустриска револуција. Големиот капитал нема нас да нè чека да ги завршиме политичките расправии и глупавите дебати на Фејсбук - има кој сака инвестиции, развој и напредок.

2

На помалку од стотина километри од македонската граница, во северозападна Грција, се подготвува една од најголемите технолошко-енергетски инвестиции во Југоисточна Европа. Грчката државна електроенергетска компанија компанија ДЕИ на 17 септември потпиша обврзувачки меморандум со Amazon Web Services (AWS) за изградба на дата-центар кај Агиос Димитриос, во близина на Кожани. Првата фаза ќе има приклучна моќност од 300 мегавати, а планот предвидува можност комплексот да порасне до огромни 1.000 мегавати. Поширокиот инвестициски план на ДЕИ за трансформација на некогашниот лигнитен регион се проценува на околу 5,8 милијарди евра.

За македонски размери бројката е фасцинантна. Целокупните расходи на државниот Буџет на Македонија за 2026 година изнесуваат 414,2 милијарди денари, односно околу 6,7 милијарди евра. Тоа значи дека грчкиот инвестициски пакет од 5,8 милијарди евра е еквивалент на околу 86 проценти од сите годишни расходи на македонската држава. Уште поилустративна е споредбата со македонските капитални расходи: за нив годинава се предвидени 40,1 милијарда денари, околу 650 милиони евра.






Кожани – од јаглен до клауд услуги и чиста енергија

Грција има значаен глобален партнер. AWS, АИ центарот на Амазон, e еден од најголемите светски оператори на клауд и дата-центарска инфраструктура, заедно со Microsoft Azure и Google Cloud. Според меморандумот, AWS треба да го земе објектот под 15-годишен закуп, ДЕИ ќе ги обезбеди земјиштето, зградите и енергетската инфраструктура, а Амазон ќе ја инсталира и ќе управува со информатичката опрема. Електричната енергија треба да се обезбедува преку долгорочни договори за обновлива енергија. Проектот сепак сè уште е условен со конечни договори, приклучување на мрежата, дозволи и други регулаторни постапки.

За Кожани ова е обид за целосна промена на економскиот идентитет на регионот – од лигнит кон вештачка интелигенција, клауд услуги и чиста енергија. Според плановите што ги пренесуваат грчките медиуми, повикувајќи се на Блумберг, во врвот на изградбата поширокиот инвестициски циклус би ангажирал околу 7.500 работници, а долгорочно се проценуваат најмалку 2.200 работни места, од кои околу 1.500 би биле поврзани со дата-центарот доколку комплексот достигне 1 гигават. Тоа е особено важно за област во која ДЕИ некогаш вработувала околу 5.500 луѓе, а гаснењето на лигнитот остави голема економска празнина.

Грција, Бугарија, Романија и Србија во големиот балкански АИ спринт

Проектот во Кожани е дел од многу поголема трка. Европската унија во јули отвори повик за изградба на седум АИ гигафабрики, во кои ќе се вложат до 10 милијарди евра од сегментот европско и национално јавно финансирање. Се очекува да се мобилизираат најмалку уште 20 милијарди евра приватен капитал. Станува збор за центри со повеќе од 100.000 напредни АИ-процесори, наменети за тренирање и работа на најголемите модели на вештачка интелигенција. Струјата, оптичката поврзаност, земјиштето и брзината на издавање дозволи стануваат нови фактори според кои земјите се натпреваруваат за инвестиции.

И Бугарија веќе зазеде силна позиција во таа трка. Во Софија се развива европската АИ-фабрика BRAIN++, проект вреден околу 90 милиони евра, поврзан со институтот INSAIT и Sofia Tech Park. Бугарската влада отворено се претставува пред американските технолошки компании како локација за големи дата-центри, посочувајќи ги нуклеарната електрана Козлодуј, достапната енергија, оптичката инфраструктура и повеќе од 80.000 ИКТ-специјалисти како конкурентска предност.

Премиерот Росен Жељазков уште при разговорите со претставници на Mета ја опиша Бугарија како „стратешка дестинација за високотехнолошки инвестиции во енергетиката и во вештачката интелигенција”.

Романија ја развива иницијативата Black Sea AI Gigafactory,  со експлицитна цел земјата и црноморскиот регион да ги позиционира како локација за АИ-инфраструктура од следната генерација. Србија, пак, веќе има државен дата-центар и Национална платформа за вештачка интелигенција во Крагуевац, а во 2026 година ја проширува со инфраструктура базирана на Nvidia GraceHopper процесори.

Лудистички отпор на македонската опозиција против АИ револуцијата

Накусо, Балканот веќе може да се набљудува како простор во кој државите се натпреваруваат за електрична енергија, оптички врски, клауд-инфраструктура и дата капацитети. И во Македонија амбицијата постои, но политичкиот и локалниот отпор де многу поизразен.

Премиерот Христијан Мицкоски кон крајот на август соопшти дека Владата разговара со пет до шест потенцијални инвеститори за дата-центри, меѓу кои, според него, има и голема мултинационална компанија. „Ова е новата нафта”, рече тогаш Мицкоски, оценувајќи дека земјата треба да стане регионален лидер во оваа индустрија. Од Вашингтон оваа недела тој повторно ја постави Македонија како природна крстосница на балканските транспортни и енергетски коридори и ги поврза инфраструктурниот, енергетскиот и технолошкиот развој со идната геостратешка позиција на земјата.

Наспроти тоа, СДСМ бара мораториум за нови странски комерцијални дата-центри што користат водено ладење. Лидерот на партијата Венко Филипче повика и на „национална мобилизација”, тврдејќи дека проектите можат да ги загрозат водата и електричната енергија и дека Владата не ги објавува инвеститорите и условите под кои преговара со нив. Во Пехчево отпорот доби и локална институционална форма: сите девет советници – пет од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од СДСМ и еден од ЗНАМ – гласаа против иницијативата за почнување урбанистичка постапка за изградба на дата-центар во Панчарево.

На Халкидики ќе се копа бакар и злато, ние очи му копаме на тој што ќе спомне рудник

Во тој случај, јавноста не доби основни информации за инвеститорот, планираната моќност, потрошувачката на вода и струја, системот за ладење и за конкретната корист за локалната заедница. Таквите прашања се легитимни и во најразвиените пазари. Сепак, се чини дека отпорот во Македонија има многу подлабоки корени и претставува, ако така може да се каже, пресудна патолошка кочница за индустрискиот развој на земјата.

На Халкидики, на само неколку десетици километри од македонската граница, Грција го привршува Скуриес, голем рудник за бакар и злато што го развива канадската Eldorado Gold преку Hellas Gold. Капиталната цена до комерцијално производство се проценува на околу 1,3 милијарди долари, а рудникот е проектиран за околу 20 години работа, со просечно производство од околу 30.000 тони бакар и 140.000 унци злато годишно. Инвестицијата се вклопува во пошироката грчка стратегија за позиционирање во новата економија, во која бакарот станува критична суровина за електромрежите, обновливата енергија, електричните возила, дата-центрите и АИ-инфраструктурата.

Од другата страна на границата, Македонија располага со Иловица-Штука, значајно наоѓалиште со проценети резерви од 225 милиони тони руда, кои содржат околу 411.000 тони бакар и 2,45 милиони унци злато. Проектот е замислен за околу 23 години експлоатација, но повеќе од една деценија е заглавен во судски, административни и политички спорови и во силен отпор на локални активисти, кои предупредуваат на можни последици за водите, земјоделството и животната средина во Струмичката котлина. Последните судски одлуки повторно го вратија проектот во игра, но неговата реализација и натаму е неизвесна.

Никој нема со сила да ни дава пари, ако не сакаме да земеме

Еден ден, кога можеби ќе биде доцна, ќе се дознае кои некадарници и за чии интереси денес креираат неразумни политички и општествени отпори кон развојот на Македонија, во желба таа да остане на маргините на новата технолошко-индустриска револуција. А ќе знаеме дека е предоцна тогаш кога ќе разбереме дека капиталот што сакал да дојде во Македонија, веќе избрал друга адреса. Како што се случувало многу пати во нашата историја…

Големите АИ инвеститори избираат меѓу повеќе држави и бараат неколку работи истовремено: сигурна и долгорочно конкурентна електрична енергија, моќна преносна мрежа, оптички врски, земјиште, предвидливи дозволи и политичка и регулаторна стабилност. Грчкиот пример покажува како изгледа таквиот пакет – ДЕИ му нуди на AWS локација, објект, енергетска инфраструктура, долгорочни договори за струја и најважно од сè, едно големо и топло “ористе”.

Впечаток е дека во Македонија секој позначаен развоен проект заглавува во долготрајни политички судири и во бесмислени дебати на социјалните мрежи, во неизвесност која ги одвраќа потенцијалните инвеститори од тоа јавно да ги соопштат сите битни информации за проектите  и која ги тера да бараат алтернативни дестинации.

А такви има на само неколку часа возење од Скопје. Никој нема нас да нè моли и со сила да ни дава пари, ако не сакаме да земеме.

Поврзани содржини