🎥 ТАМУ КАДЕ ШТО СО ДЕЦЕНИИ СЕ ТРУПАШЕ ЃУБРЕ СЕГА НИКНУВА ПАРК Бутел добива ново зелено срце
Со уредувањето на мега паркот од 50.000 квадратни метри во Бутел создаваме трајно решение против повторното формирање депонија. Вложуваме во почист воздух, поздрава животна средина и поквалитетен живот во секое маало, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Се гради мега паркот од 50.000 квадратни метри во Бутел, како трајно решение во борбата со депониите, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Таму каде што со години се трупаше отпад, создаваме простор за детски насмевки, семејни прошетки, спорт и за дружење. Децениската негрижа ја претвораме во зелена гордост на Скопје. Со Дарко Костовски дадовме збор дека ова место повеќе нема да биде заборавено. Денес тој збор го исполнуваме со работа и видливи резултати. Затоа што довербата на народот се заслужува со дела“, објави скопскиот градоначалник на Фејсбук.
Долж булеварот Христијан Тодоровски – Карпош, додаде, првиот дел од 8.000 квадратни метри е целосно завршен, со зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и со фитнес зони.
„Паралелно работиме на преостанатите 42.000 квадратни метри, со целосно хортикултурно уредување и содржини за сите генерации. Паркот ќе има и сопствен систем за наводнување со техничка вода, за долгорочно одржување на зеленилото. Со уредувањето на овој простор создаваме трајно решение против повторното формирање депонија. Вложуваме во почист воздух, поздрава животна средина и поквалитетен живот во секое маало. Бутел добива ново зелено срце. Скопје добива уште едно место за гордост. Скопје го правиме заедно“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.