ЗАВРШИ ВРЕМЕТО НА СЛУГУВАЊЕ НА АГЕНДИ НА ТУЃИ ДРЖАВИ Порака од Петрушевски до Филипче
Заврши времето кога со слугување на агенди на туѓи држави се доаѓаше на власт во Македонија. Тој филм СДС веќе не го гледа, му порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски на лидерот на СДСМ Венко Филипче.
– Граѓаните сакаат достоинствен и предвидлив евроинтегративен пат, со гаранции дека нема веќе да има барања за идентитетски отстапки. Тоа ВМРО-ДПМНЕ го слуша и заедно, во сојуз со народот, ќе се избориме за заслуженото место на масата во ЕУ – додаде Петрушевски.
Според него, Филипче не само што не се разликува од Зоран Заев, туку е негова надградена верзија.
– Заев ги излажа граѓаните дека не доаѓа на власт за да го смени името, туку бараше доверба од граѓаните, небаре да донесе правда и живот за сите во Македонија. А Венко Филипче, не се крие дека сака да дојде на власт за да изврши национално предавство, да ги прифати и спроведе бугарските ултиматуми, на штета на македонскиот национален идентитет. Кога го менуваше името на државата, Заев ја убедуваше македонската јавност дека Македонија богато ќе ја омажи, додека пак Филипче сега од опозиција ги убедува дека македонскиот идентитет не е загрозен, наспроти јасните ултиматуми и негирања од страна на Бугарија. Бугарските власти не ги кријат нивните ставови и барања, тие сакаат македонската историја, јазик, култура, да се прогласат како дел од бугарската. И за тоа во Македонија си најдоа специјален пратеник, Венко Филипче, кој се претворил во пион на Радев и е најгласен да се прифати бугарскиот наратив и Бугари во Устав – рече Петрушевски.
Тој повтори дека Филипче отворено и беспоговорно прифаќа сѐ од Бугарија, во надеж дека некој од надвор ќе го донесе на власт, како што некогаш го донесоа Зоран Заев со изгубени избори.