ЗАРОБЕНИ 20 БРОДОВИ СО ПОМОШ ЗА ГАЗА И 175 АКТИВИСТИ Шпанија бара санкции за Израел, САД го поддржува

ЕУ мора веднаш да го суспендира Договорот за партнерство и да побара од Нетанјаху да го почитува меѓународното право“, порача шпанскиот премиер Санчез. Според Вашингтон, хуманитарната флотилата го поткопува мировниот план за Блискиот Исток. 

0

Шпанскиот премиер Педро Санчез предупреди дека Израел повторно го прекршил меѓународното право со пресретнување и задржување активисти на море, повикувајќи ја Европската Унија да го суспендира договорот со оваа земја.

„Израел повторно го крши меѓународното право со напад врз цивилна флотила во води што не му припаѓаат“, напиша Санчез на социјалната мрежа Икс.

Израелската војска во ноќта меѓу средата и четвртокот, во меѓународни води пред Грција, пресретна повеќе од 20 пловни објекти и приведе 175 лица, меѓу кои и околу 30 шпански државјани.

„Нашата влада прави сѐ што е потребно за да ги заштити и да им помогне на задржаните Шпанци, но тоа не е доволно. ЕУ мора веднаш да го суспендира Договорот за партнерство и да побара од Нетанјаху да го почитува меѓународното право“, наведе Санчез.

Во меѓувреме, САД ја осудија меѓународната флотила која се обидува да достави хуманитарна помош во Појасот Газа, нарекувајќи ја „иницијатива што го поддржува Хамас“ и како неоснован, „контрапродуктивен обид за поткопување на мировниот план на претседателот Трамп“, јави ДПА.

Флотилата, составена од околу 60 пловни објекти со меѓународни активисти и хуманитарци, тргна в неделата од Сицилија во обид да ја пробие поморската блокада што Израел ја воведе во 2007 година, со цел да се воспостави хуманитарен коридор кон Појасот Газа. Израел го оцени потегот како провокација. Израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, изјави дека војниците постапуваат „професионално и решително“ против „група заблудени агитатори“.

Останатите 32 пловни објекти ја продолжуваат пловидбата кон Газа, меѓу кои и бродот „Ширин“ со десетчлена екипа и хрватската капетанка Морана Миљановиќ. Се очекува конвојот да се прошири со дополнителни бродови од Грција и од Турција.

Шпанија и уште десет земји, меѓу кои Бразил, Колумбија, Турција и Јужна Африка, објавија заедничка декларација со која бараат итно ослободување на активистите. Во декларацијата се наведува дека израелските напади врз бродови и незаконското задржување хуманитарни активисти во меѓународни води претставуваат јасно кршење на меѓународното право и на меѓународното хуманитарно право.

САД ја осудија меѓународната флотила која се обидува да достави хуманитарна помош во Појасот Газа, нарекувајќи ја „иницијатива што го поддржува Хамас“ и обид за поткопување на мировниот план на претседателот Доналд Трамп за Блискиот Исток, јави ДПА.

Десетици бродови со активисти од повеќе земји испловија во неделата од Сицилија кон Газа, во акција што организаторите ја опишаа како најголема флотила досега насочена кон оваа палестинска територија под блокада.

Израелската морнарица соопшти дека пресретнала повеќе од 20 бродови од флотилата „Сумуд“ западно од Крит, на околу 1.000 километри од Израел.

Израелското Министерство за надворешни работи наведе дека околу 175 активисти биле пренесени во Израел „на мирен начин“.

Повеќе земји, меѓу кои Германија, Италија и Шпанија, го осудија Израел за заплената на бродовите во меѓународни води и повикаа на почитување на меѓународното право и стандарди.

Во меѓувреме, Стејт департментот на САД ја осуди „Сумуд“ како иницијатива што го поддржува Хамас и како неоснован, „контрапродуктивен обид за поткопување на мировниот план на претседателот Трамп“.

Поврзани содржини