ЗАЕДНИЧКИ ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ И КОНТРОЛИ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА Министрите за внатрешни работи потпишаа договор
Имплементацијата ќе се одвива постепено и контролирано, со цел секој заеднички граничен премин да биде целосно оперативно и правно подготвен пред стапување во примена.
Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Албанија Панче Тошковски Бесфорт Љамалари денеска во Пешкопеја, Албанија потпишаа Договор за воспоставување заеднички гранични премини и спроведување заеднички гранични контроли меѓу двете држави.
Договорот предвидува формализирана институционална соработка, фазна имплементација преку протоколи приспособени на секоја локација, како и зајакнати механизми за координација и размена на информации меѓу надлежните служби.
– Договорот претставува значаен чекор кон поефикасно, побезбедно и попредвидливо управување со границата, со директни придобивки за граѓаните, стопанството и институциите.
Заедничките гранични процедури не само што го олеснуваат протокот, туку и ја зајакнуваат способноста на двете држави за справување со прекуграничен криминал, трговија со луѓе и други безбедносни ризици, преку координирано постапување и размена на информации – рече Тошковски.
Посебно беше истакнато дека имплементацијата ќе се одвива постепено и контролирано, со цел секој заеднички граничен премин да биде целосно оперативно и правно подготвен пред стапување во примена.
Министерот Тошковски упати благодарност до експертските тимови, правните советници, полициските службеници и сите институции од двете земји кои учествуваа во подготовката на договорот, нагласувајќи дека нивната работа е клучна за постигнатиот резултат.
Со овој договор се заокружува процесот на воспоставување на овој систем со трите соседни земји на Македонија, кои не се дел од Шенген зоната, покрај со Србија и со Косово.