ИСТОРИСКИ ИСЧЕКОР Е ШТО ВЛАДАТА ГО УСВОИ ПРЕДЛОГОТ ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ ДА СЕ ПОЛАГА И НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК Вратите за Албанците во јавната служба се широко отворени
Донесувањето на Законот за правична и соодветна застапеност останува наша клучна заложба, соопшти ВЛЕН по седницата на централното претседателство.
Усвојувањето на предлогот за правосудниот испит во Владата претставува историски исчекор, со кој за првпат се предвидува полагање на испитот и на албански јазик, ги слушнавме студентите и се заложивме ова прашање да добие институционално решение, соопшти ВЛЕН.
Партијата информира дека на редовна седница на централното претседателство на ВЛЕН се разговарало за актуелните политички случувања и се потврдени приоритетите за претстојниот период.
„Охридскиот договор не е сопственост на која било политичка партија. Тој е историско достигнување и резултат на жртвите што албанскиот народ ги поднесе за рамноправност. По повеќе од две децении чекање, правичната и соодветна застапеност на сите етнички заедници мора да биде загарантирана со закон. Донесувањето на Законот за правична и соодветна застапеност останува наша клучна заложба. Апсурдно е да се повикувате на Охридскиот договор, а да го блокирате неговото унапредување. Одговорноста за заокружување на овој процес ја носат сите парламентарни партии што се изјаснуваат за поддршка на Охридскиот договор“, соопшти ВЛЕН.
Остануваме посветени и на донесувањето на предложениот закон за трансформација во редовен работен однос, со кој лицата што ги исполнуваат условите ќе добијат вработување на неопределено време, додаде партијата.
„И покрај блокадите на Законот за правична и соодветна застапеност од опозицијата, ние и без алатката Балансер докажуваме дека со ВЛЕН вратите за Албанците во јавната служба се широко отворени. Работното место не смее да биде средство за политички уцени. Децентрализацијата, како еден од столбовите на Охридскиот договор, останува наш приоритет. Општините со мнозинско албанско население веќе ја чувствуваат финансиската поддршка преку проекти и инвестиции, без оглед на тоа која политичка партија ги раководи.“, соопшти ВЛЕН.
Владиното партнерство е стабилно, додава партијата.
„ВЛЕН останува посветен на исполнување на програмските приоритети ветени пред граѓаните. Во таа насока сметаме дека целокупната ефикасност на актуелната Влада треба да се цени во полн мандат. Новиот извештај на Европската комисија го оценуваме како реален и објективен приказ на напредокот и предизвиците што остануваат. Членството во Европската Унија останува наша стратешка цел и одговорност кон граѓаните. Претставниците на ВЛЕН во Владата, Собранието и локалната власт ќе продолжат да работат на остварувањето на сите зацртани приоритети“, се вели во соопштението на ВЛЕН.