ЗА НИВИТЕ ВО ЉУБИН И ВО ГЛУМОВО ИМА ВОДА, ЗА ДОЛНА МАТКА СЕКОЈА ВЕЧЕР НИ КАПКА Во Водовод немаат намера ништо да преземат

Надлежните од Водовод не преземаат никакви мерки за да обезбедат водата приоритено да се користи за домаќинствата, за пиење и за лична хигиена.

1

Секое попладне, веќе цела недела во селото Долна Матка нема вода. Водата прекинува околу 17 часот, а доаѓа некаде после 22 часот.

Жителите на Матка претпоставуваат дека водата се троши неконтролирано во околните села и дека инспекторите ги нема никаде за да откријат диви приклучоци на вода за наводнување.






– И порано кога сме немале вода, инспекцијата откриваше како со огромни цевки се полеваат пластеници во Сарај. Каде е сега инспекцијата? Летото и горештините сѐ уште не почнале, а вода нема секој ден по неколку часа. Како ќе биде во следните два ипол месеца? Со години претходно немавме вакви проблеми, особно не во јуни – велат револтираните жители на Долна Матка и очекуваат итни мерки од надлежните за, како што велат, да не се повторат протестите од пред неколку години.

Од Контакт центарот на Водовод објаснуваат дека има зголемена потрошувачка на вода.

– Секое попладне се празни резервоарот во Љубин. Има голема потрошувачка. Се полеваат ниви и бавчи во селата Љубин и Глумово – објаснуваат од Контакт центарот на Водовод.

Инаку, Матка добива вода од резервоарот во Љубин.

Во моментов надлежните од Водовод не преземаат никакви мерки за да обезбедат водата приоритено да се користи за домаќинствата, за пиење и за лична хигиена.

Поврзани содржини