ВУЧИЌ НА ГОСТИ КАЈ ПУТИН, ПА КАЈ ТРАМП Најавени 2-3 средби со американскиот претседател
„Имам конечна потврда за средби со сите важни републиканци. Верувам дека ќе разговарам со претседателот Трамп барем два или три пати за два или три дена“, изјави Вучиќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека на почетокот на мај ќе отпатува во САД, каде што, како што изјави, ќе се сретне со сите најистакнати членови на Републиканската партија, а можно е дури два до три пати да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп.
– Имам конечна потврда за средби со сите важни републиканци. Верувам дека ќе разговарам со претседателот Трамп барем два или три пати за два или три дена – изјави Вучиќ за ТВ Информер.
Тој додаде дека има и покана да присуствува на состанок на Републиканскиот национален комитет, но напомена дека засега нема конечна потврда за официјална средба со Трамп.
Во истиот контекст, Вучиќ спомна дека на 9 мај патува во Москва, што покрена прашања дали ќе стане првиот српски лидер кој ќе оствари средби со лидерите на двете суперсили – САД и Русија – во само една недела.
Покрај тоа, Вучиќ откри дека планира да организира глобален форум во Белград следната година, каде ќе ги покани највлијателните светски лидери.
– Ќе побарам поддршка од Трамп, од неговиот син Доналд Трамп јуниор, како и од рускиот претседател Владимир Путин. Би сакал Белград да биде домаќин помеѓу март и мај, и тоа не само на нив, туку и на Џорџа Мелони и Фридрих Мерц – рече Вучиќ, нагласувајќи дека Белград е „единствениот град“ што може да ги пречека сите овие имиња.
Во завршницата од изјавата, Вучиќ најави голема воена парада на 15 септември, за Денот на српското единство, слободата и националното знаме, која, според него, ќе биде најголема во историјата на Западен Балкан.