„ВО КИСЕЛА ВОДА ИЛИ ВО КАРПОШ – ФИЛМСКИ СТУДИЈА ЌЕ ИМА“ Инвеститорите велат дека предност е што Македонија активно соработува со Холивуд
Одлучивме дека нема повеќе да чекаме, ако владата не сака да ни даде одговор. Очекувам студиото да биде или во Кисела Вода или можеби во Карпош, вели во разговор за Гласот на Америка Ерик Брнс, еден од носителите на проектот за филмските студија, кои се најавени под името „Стоун бриџ“, проект кој го најави актерот Џон Малкович пред една година.
Од општина Кисела Вода за Гласот на Америка потврдиле дека имало интерес за сместување на студијата на нивна територија.
„Како општина сме отворени за поддршка за секој инвеститор, нормално, согласно законите на Република Македонија, бидејќи една од нашите цели и стремежи се нови инвестиции и нови работни места на нашите простори“, стои во одговорот на градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Технолошкиот парк треба да содржи објекти за еден американски универзитет, студентски кампус, центар за кибернетска безбедност, бизнис инкубатори. Но, планирани се и објекти за сместување и за живеење, кои треба да сочинуваат околу една четвртина од целиот комплекс.
На прашањето, зошто се решиле да градат филмски студија токму на македонска територија, Брнс вели:
– Филмската индустрија сака да снима низ светот. Снимањето филм во САД е многу скапо. Овде е многу поевтино. Има енергична пост-продукциска индустрија во Северна Македонија, којашто веќе активно соработува со Холивуд. Голем дел од елементите што нам ни се потребни, во смисла на стручност, достапност до опрема и стручна работна сила веќе се тука, или се во близина – вели Брнс и додава дека членството во НАТО игра клучна улога.