МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ ВО ТРКА ЗА „ЈАДРАНСКИ ФИЛМСКИ НАГРАДИ“ Вкупно 14 номинации за „Диџеј Ахмет“, „Мајка“, „Павилјон“ и „Фантази“
За АФА-наградите се натпреваруваат филмови и серии од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и од Косово, а доделувањето ќе се одржи од 23 до 25 октомври, во Порто Монтенегро во Тиват, Црна Гора.
Четиринаесет (14) номинации добија македонските филмови и копродукции на годинашните „Јадрански филмски награди“ кои ги доделува Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот регион (АФА), основана од шест регионални филмски фестивали.
Филмот „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски се закити со седум номинации, остварувањето на Теона Стругар Митевска „Мајка“ со пет, а копродукциските „Павилјон“ и „Фантази“ со по една.
Наградите што ги доделува оваа фестивалска мрежа ги одликуваат најзначајните филмски продукции и телевизиски серии во регионот. Оваа година се доделуваат 10 филмски награди во категориите: најдобар филм, најдобар глумец и глумица во главна улога, ѕвезда во подем, најдобар режисер, сценарио и дебитантски филм; телевизиските серии се натпреваруваат за наградите за најдобра серија, најдобар актер и најдобра актерка. За наградите се натпреваруваат филмови и серии од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Косово.
Притоа, „Диџеј Ахмет“ е номиниран во категориите најдобар филм, најдобра главна актерка (Дора Акан Златанова), најдобар главен актер (Ариф Јакуп), ѕвезда во подем (Ариф Јакуп), најдобра режија, сценарио и дебитантски филм (Георги М. Унковски).
„Мајка“, пак, ќе се натпреварува во категориите најдобар филм, најдобра главна актерка (Нуми Рапас), најдобар главен актер (Никола Ристановски), најдобра режија (Теона Стругар Митевска) и најдобро сценарио (Гоце Смилевски, Елма Татарагиќ и Теона Стругар Митевска).
Номинацијата на копродукцијата „Павилјон“ е за најдобра главна актерка (Јасна Диклиќ), а на „Фантази“ – за најдобар дебитантски филм за Катарина Богдановиќ – Кукла.
За АФА-наградите се натпреваруваат филмови и серии од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и од Косово, а доделувањето ќе се одржи од 23 до 25 октомври, во Порто Монтенегро во Тиват, Црна Гора.