ВЛАДАТА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ИЗГРАДБАТА НА ДАТА ЦЕНТРИ За Мицкоски, тој процес е неповратен
Прашањето е дали ние како држава сакаме да останеме заглавени во 19. и 20. век со некои ретрополитички сили или сакаме да грабиме кон иднината? Оваа Влада апсолутно води сметка за интересите на државата и на граѓаните кои никогаш нема да бидат ставени во прашање, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Владата не се откажува од идејата за изградба на дата центри затоа што светот и човештвото одат во таа насока и тој процес е неповратен, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Прашањето е дали ние како држава сакаме да останеме заглавени во 19. и 20. век со некои ретрополитички сили или сакаме да грабиме кон иднината? Оваа Влада апсолутно води сметка за интересите на државата и на граѓаните. Интересите на државата и на граѓаните никогаш нема да бидат ставени во прашање. Апсолутно се грижиме за иднината на оваа држава и за брз економски развој – рече Мицкоски на граничниот премин Табановце, каде беше промовирана новата опрема од ЕУ за Царината.
Тој одговараше на прашање дали се точни информациите дека ЕУ испратила допис до сите земји во регионот дека се откажала од финансирање и давање грант за изградба на национални дата центри и оти ова нема да биде дел од реформската агенда. Рече дека Владата не добила таков допис од ЕУ и рече „ако такво нешто пристигне, тогаш тоа ќе може да го коментираме“.

Благодарение на тие дата центри и таа вештачка интелигенција, нагласи Мицкоски, денеска видовме како функционира голем дел од опремата на ГП Табановце.
– Впрочем, без таа вештачка интелигенција и некои дата центри јас денеска немаше со вас да комуницирам на овој начин како што комуницирам. Затоа, да ги оставиме оние политички сили да тонат во нивното политичко мочуриште од 19. и 20. век и да дозволиме да се развиваме како држава онака како што заслужуваат граѓаните – рече премиерот.
Прашањето зошто изградбата на национални дата центри во земјите од Западен Балкан веќе не е приоритет за Брисел, со оглед на тоа што ЕУ ја финансира „Везилка“ конкретно во Македонија, му беше поставено и на евроамбасадорот во Македонија Михалис Рокас, кој истакна дека нема такви информации.
– Јас не можам да ја потврдам вашата информација. Како што веќе знаете, „Везилка“ беше пуштена во употреба, односно во функција пред два месеци. Таа треба да биде поврзана со поголемиот дата центар во Република Грција, така што навистина досега немам добиено никаква информација во врска со вашето тврдење – одговори Рокас.