УЖИВАЈТЕ ВО ФУДБАЛОТ! Нема закани за безбедноста на претстојното ЕУРО 2024, смирува Чеферин

Првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин, истакна дека токму поради геополитичката ситуација е добро што претстојното Европско фудбалско првенство повторно ќе се одржува во една земја, а не на целиот континент, како што беше во 2021 година.

211

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин во пресрет на Европското фудбалско првенство, порача дека не гледа конкретни закани по безбедноста на претстојното шампионат во Германија, но е загрижен за геополитичката ситуација воопшто.

– Немаме конкретни безбедносни проблеми. Но, безбедносен проблем за мене е сложената геополитичка ситуација во светот. Се повеќе насилство. Сè повеќе агресија. Генерално, ситуацијата во светот не е идеална – рече Чеферин во интервју за германска агенција.






Словенецот додаде дека токму поради геополитичката ситуација е добро што Европското првенство повторно ќе се одржува во една земја, а не на целиот континент, како што беше во 2021 година.

– За нас е многу полесно да работиме со една полиција и една тајна служба во една земја, во споредба со турнир во повеќе земји. Секогаш е предизвик да се организира голем настан како Европско првенство, поради зголемената опасноста по безбедноста. Во овој аспект веројатно е поголем предизвик од организирањето на Олимпијадата. Добро соработуваме со германските власти. Ја посетив министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, во Берлин и претходно разговаравме неколку пати. Сите соработуваат – додаде Чеферин.

Германските политичари ветија дека турнирот ќе биде максимално безбеден за сите, а Ненси Фезер викендов откри дека 22.000 полицајци ќе работат само за Европското првенство секој ден.

Фезер, исто така, им порача на Германците и посетителите да одат и да уживаат во турнирот, а Чеферин се согласи бидејќи „фудбалот е една од ретките работи што сè уште може да ги зближи луѓето“.

– Навистина мислам дека ова може да биде голем фестивал на пријателството – рече претседателот на УЕФА.

17.Европското фудбалско првенство ЕУРО 2024 ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули во 10 градови во Германија.

Поврзани содржини