Повикот на клептократската дивина
Повикот на дивината урла уште еднаш да ги врати назад во фотелјите задниците на клептократине за да можат да ја продолжат нивната коруптивно-криминална коалиција! Малку им беа седум „реформски“ години на корупција и кражби, лично и институционално дивеење, комплетно разнебитување на демократските процеси и лажење на граѓаните…, туку сега, повторно, тој ист граѓанин – оној кого онака безмилосно го манипулираа и инструментализаираа – треба да им ја врати власта. Лудило? Не, тие одамна ја надминале и таа фаза.
Во еден поширок општествено-политички контекст вжештените „расправи“ за буџетот или изборниот закон се само политикантска смешка, т.н. „Талир 2“ па и „Талир 100“ или актуелното семејно или врсничко насилство се или ќе бидат само детска игра во милјето на меѓупартиското односно политичкото силеџиство и појавата на монструозни идеи. Објективно тие се ултимативната кочница на државата и општествениот развој во сите насоки.
Општествено-политичката саможивост и историското слепило кај еден минорен дел од „актерите“ на македонската политичка сцена – оние трансформирани во безнадежни политикантски секти! – свесно и континуирано го разгоруваат пожарот на политичкото безумие и националното предавство. Наспроти сите културни и цивилизациски аргументи, наспроти неподмитливите историски докази, тие се подготвени да збришат сѐ што генерации и генерации пред нив постигнале, лажливо подметнувајќи одамна компромитирани тези за прогрес наспроти изолација, богатство наспроти сиромаштија, иднина наместо минато… А како паралелна но сепак доминантна трансверзала се нуди и целосна општествена девастација низ формата на некаков агресивен повик на општа борба против одредена политичка партија што треба да „претставува врвна граѓанска одговорност и историска должност“ (sic!).
Дури и само како мисла звучи чудовишно во третата деценија на дваесет и првиот век, не пак истата да биде напишана, дури и јавно обзнанета! Во недостаток на соодветни политики и аргументи, сега партиско-племенската реторика полека се претвора во борбен восклик што треба дефинитивно да ја запали државата.
Или, со други зборови, сега, за потребите на една бројно минорна и политички маргинална збирштина неутешни политиканти и губитници, граѓанинот треба да востане за нечиј ќеф, уште еднаш да се покрене како во онаа 2017 година, општеството радикално да се политизира а омразата и непријателството да се трансформираат во движечка сила за уривање на власта – оваа власт којашто легитимно „до нозе“ ги порази на регуларни парламентарни, претседателски и локални избори.
Повикот на дивината урла уште еднаш да ги врати назад во фотелјите задниците на клептократине за да можат да ја продолжат нивната коруптивно-криминална коалиција! Малку им беа седум „реформски“ години на корупција и кражби, лично и институционално дивеење, комплетно разнебитување на демократските процеси и лажење на граѓаните…, туку сега, повторно, тој ист граѓанин – оној кого онака безмилосно го манипулираа и инструментализаираа – треба да им ја врати власта. Лудило? Не, тие одамна ја надминале и таа фаза.
Политикантскиве клептомани и клептократи бараат од граѓанинот да ги бие налудничавите битки на една групација саможиви, паразитски „елити“ од двата поразени етнички блока за повторно да го узурпираат владеењето на правото и институциите во лична и партиска полза. Блиското минато, за среќа, силно го делегитимизира овој повик и демонизацијата на власта. Но, да речеме дека оваа власт е таква каква што велат тие, што ако нивниот повик биде неуспешен и на власт дојде друга партија односно политичка опција? Ќе се повтори ли борбениот восклик, пак ли ќе се кренат клептократине и ќе бараат граѓанинот да им ја заврши работата? И дали секоја нова власт во којашто тие нема да бидат главен фактор ќе мора да се урива?
Тие на тој ист граѓанин дури не му понудија ни збор извинување за сите трагични идиотштини направени во нивните „реформски“ седум години, не умееја да промрморат ни една реченица покајание за клептократскиот систем базиран на неограничена корупција и криминал проследен и со, како што вели Ендрју Ведеман, речиси целосен имунитет за оние „државници“ кои го дозволија тој грабеж! И оние исторски предавства!?
Но нивното безобразие и политички дилетантизам се простира дотаму што тие за пример го даваат дури и Петер Маѓар и партијата ТИСА во Унгарија како нивен модел според којшто ќе делуваат! Тие, демек, ќе редефинираат „корупција наспроти обнова, страв наспроти надеж, и заробена држава наспроти суверени граѓани“. Па токму нивните неписмени орди во оние седум години станаа енциклопедиска дефиниција за криминал, корупција, клептократија, неспособност, грабеж и узурпација…! Или, поточно, мислат дека со целото нивно наследство од оној криминален седумгодишен период и онаа тотално неспособна постава сега, преку ноќ и во полза на овој повик, ќе се престорат од демони во ангели?
Зарем навистина толку нѐ потценуваат, зарем сериозно нѐ мислат толку малоумни што ние ќе ги биеме нивните криминални битки? И не само денес или утре туку секогаш кога тие нема да бидат власт? Зошто? Нивните родители, или претци, се нешто поголемо или позаслужно од нашите? И зарем власта во Македонија оди по наследна линија а не според резултатите, квалитетот, постигнувањата…?
И зарем навистина не разбираат дека овде нема никаков „стерилен расцеп на оската ’левица наспроти десница’“ туку само провалија помеѓу нивните неплодни лични амбиции, алчност и епохална неспособност наспроти потребите на општеството, државата и граѓаните? Или не сакаат да разберат? Па затоа се таму каде што се, и таму и ќе останат. Доживотно!
Но, она што можеби уште повеќе запрепастува е молкот на целиот естаблишмент, на другата опозиција но и на оној остаток од македонската независна интелигенција (ако нешто такво и понатаму постои?). Или „независното“ обвинителство не умее да го разбере овој повик, оние пак „чатам интелектуалци“ уште помалку (или, можеби, не смеат да се спротивстават?), а остатокот од таканаречената интелигенција е – на одмор?! А кога таа одмора – сѐ сопира?!
Но, конечно: каде и како историски завршувале ваквите несанкционирани милитантни повици, ваквиот беспримерен јавен атак врз основните демократски права? И што е следното? Прогон на членовите на партијата и симпатизерите како „врвна граѓанска одговорност и историска должност“, можеби апсења, па и некое логорче…?
П.С.
Верувам дека на сите им е јасно дека колку повеќе сектана го пробива дури и дното на мизерното однесување, толку попростачки ќе бидат нејзините политикантски потези. Но овде има уште нешто: дали сиот овој отворено антидемократски, но и хушкачки и апсолутно антиполитички и нецивилизациски повик, има врска со блиското менување на „правилата“ за проширување на еу (малите букви се…)? Треба ли пред 30 септември да се зголеми притисокот дома тоа да не се случи, повторно пред светот да бидеме претставени како „балканска крчма“?