ГОСТИВАРЦИ НЕМА ДА ПЛАЌААТ ВОДА ЗА АВГУСТ Советот донесе одлука по едномесечната кризна состојба
Советот ја донесе мерката како помош за граѓаните по кризата со водоснабдувањето, а од ЈП „Комуналец“ најавија план за решавање на проблемите во неколку населби.
Жителите на Гостивар ќе бидат ослободени од плаќање на сметките за вода за август, одлучи денеска Советот на Општина Гостивар. Мерката е донесена како помош за граѓаните по едномесечната кризна состојба со водоснабдувањето и епидемијата што го зафати градот.
Иницијативата била покрената од Советот на Општина Гостивар, со цел да се ублажат последиците за граѓаните кои во изминатиот период се соочуваа со сериозни проблеми со водата за пиење.
На денешната седница било разговарано и за можноста граѓаните да бидат ослободени од плаќање на сметките за вода за повеќе месеци.
Претседавачот со Советот на Општина Гостивар, Ваљдет Џафери, посочил дека се разгледувала можноста ослободувањето да се однесува на два или три месеци, но дека ваквата мерка треба да биде реално спроведлива.
Од ЈП „Комуналец“, пак, сметаат дека ослободувањето за еден месец е соодветно, имајќи предвид дека вонредната состојба со водоснабдувањето траела околу еден месец.
Првиот човек на ЈП „Комуналец“, Алмир Даути, појаснил дека поради тоа ослободувањето од плаќање треба да се однесува на сметките за август.
На седницата било разговарано и за проблемите со редовното снабдување со вода за пиење во неколку населени места, меѓу кои Дебреше, Грудајца, Фазанерија и Циглана.
Од ЈП „Комуналец“ било најавено дека на првата наредна седница ќе бидат презентирани плановите и мерките за надминување на проблемите со водоснабдувањето во овие населби.
Одлуката за ослободување од плаќање на августовските сметки доаѓа по периодот во кој жителите на Гостивар се соочија со ограничувања и предупредувања во однос на употребата на водата за пиење, во услови на кризна состојба и појавата на зголемен број случаи со стомачни тегоби.