МРТВО БЕБЕ СО НАЈМАЛКУ 10 УБОДИ НАЈДЕНО ВО КУФЕР Полицијата во Атина открила ужас, во станот имало и 15-годишно бремено девојче
Полицијата го откри случајот при претрес на стан во атинската населба Кипсели, откако сопственикот пријавил неплатена кирија и сомнеж за употреба на дрога.
Мртво бебе на возраст од околу осум до девет месеци, замрзнато и ставено во сад, скриен во куфер, доцна синоќа било пронајдено во стан во центарот на Атина. Денешната обдукција покажала дека бебето било убиено со најмалку десет убоди со нож во пределот на грбот. Случајот ја шокираше грчката јавност, особено поради информацијата дека во станот било пронајдено и 15-годишно бремено девојче, јави дописничката на МИА од Атина.
Случајот бил откриен доцна синоќа, откако сопственикот на станот пријавил во полиција дека лицата кои го изнајмиле му должат пари, но и дека се сомнева оти користат дрога.
Полицајците извршиле проверка и претрес во станот, при што бил откриен целокупниот случај.
Во станот биле затекнати шест лица – 43-годишен Грк, 38-годишна Германка, за која се претпоставува дека е негова сопруга или партнерка, 26-годишен Авганистанец и три малолетни деца: 15-годишно бремено девојче и две момчиња на возраст од девет и 12 години.
При претресот на куферите, полицајците во еден од нив пронашле сад во кој било сокриено замрзнатото тело на бебето.
Според грчките медиуми, Германката изјавила дека мртвото бебе е нејзино и дека починало пред неколку месеци. Авганистанецот, пак, наводно изјавил дека е партнер на 15-годишното девојче.
Обдукцијата покажала дека не станува збор за природна смрт, туку за убиство. Бебето имало најмалку десет убодни рани од нож во пределот на грбот. Засега не е познато кога точно било извршено убиството.
Тројцата возрасни биле уапсени, меѓу другото, поради сомневања поврзани со поседување и употреба на дрога. Во тек е постапката за утврдување на сите околности и евентуалните кривични дела поврзани со случајот.
Децата, со одлука на јавен обвинител, биле пренесени во детска болница, каде што им биле извршени медицински прегледи.
Според неофицијални информации, кај трите деца биле утврдени сексуално преносливи инфекции.
Претседателот на Грчката федерација на вработените во јавните болници, Михаилис Јанакос, изјавил дека децата се во лоша здравствена состојба и дека постојат индикации дека можеби биле сексуално злоставувани.
Истрагата за случајот е во тек и се очекува да бидат расветлени повеќе детали кои засега остануваат непознати.
Меѓу нив се и прашањата кога точно било убиено бебето, дали бебето навистина е на Германката, како што самата изјавила, дали трите деца се деца на уапсените маж и жена, каде живееле претходно и кога и како пристигнале во станот.
Станот се наоѓа во атинската населба Кипсели и бил изнајмен преку „Airbnb“. Според досегашните информации, уапсените и децата во него престојувале нешто помалку од еден месец.
Истрагата продолжува, а надлежните треба да ги утврдат сите околности поврзани со смртта на бебето, како и условите во кои престојувале трите малолетни деца.