ФИЛМСКО БЕГСТВО НА СРБИН ОД ГЕРМАНСКИ ЗАТВОР Ги пресекол решетките, избегал преку покривот

Министерството за правда на покраината Северна Рајна-Вестфалија почна истрага за тоа како е можно такво бегство, а германската полиција распиша потерница.

0

 

Полицијата бара 35-годишен Србин кој спектакуларно избегал од затвор во Дуизбург, Германија, во недела наутро (30 август).






Медиумите го објавуваат неговото име како Саша Д., додека германската полиција во потерницата го објави само презимето Стојановиќ, без име.

Бегството било филмско – затвореникот ги пресекол решетките на прозорецот од ќелијата на третиот кат. Потоа се искачил на четвртиот кат и успеал да избега преку покривот.

Сè се случило околу 3:30 часот наутро, под закрила на темнината.

– Во ќелијата најдовме софистицирано скривалиште на подот. Се претпоставува дека таму го скрил алатот со кој можел да ги исече челичните шипки – изјави портпаролот на Министерството за правда.

Министерството за правда на покраината Северна Рајна-Вестфалија почна истрага за тоа како е можно такво бегство. Ова е нов проблем за министерот Бенјамин Лимбах (Зелените), кој веќе е под притисок откако неколку чувари во неколку затвори во покраината се под истрага за земање поткуп. Тие наводно запари ги снабдувале затворениците со телефони и други забранети предмети.

– Министерот Лимбах мора да објасни како некој ги добил потребните алатки и зошто мерките за градежно-техничко обезбедување не го спречиле бегството – рече Соња Бонгерс, претставничка на опозициските социјалдемократи во покраинскиот парламент.

Адвокатот Буркхард Бенекен, автор на книга за престојот во затворите изјави за весникот Билд дека ова бегство не го изненадува.

– Долго време се укажува на недостатокот на безбедносни мерки во затворите – рече тој.

Бегалецот беше во притвор од почетокот на февруари под сомнение за тешка кражба.

Претходно беше осуден на 6 години затвор за провала во станови, но таа казна сè уште не е конечна. Тој беше осуден за кражба на вреден накит и околу 200.000 евра во готово.

За разлика од многу други земји, во Германија самиот чин на бегство од затвор не е казнив, освен ако за време на бегството не се извршени други кривични дела.

Поврзани содржини