Југославија е завршена, Македонија сè уште трае

На таа нивна маса, на која е распослана целата политичка палета на наративи за безнадежната иднина, врз која транзициската левица впрочем до ден денешен го гради својот политички став, Македонија никогаш не е доволна. Таа е секогаш „во транзиција“, „на пат“, „пред влез“, „пред реформи“. Никогаш тука. Никогаш сега. Никогаш способна сама. Секогаш ѝ треба нешто поголемо, некогаш федерација, денес унија, утре, некоја нова конструкција што ќе ги ослободи од сопствената одговорност. Тоа не е политика. Тоа е психопатологија. И токму тука лежи најголемата измама.

0

Има нешто длабоко човечко во носталгијата. Таа не е само сеќавање, таа е, всушност, засолниште. Тивко, удобно место, во кое минатото секогаш мириса подобро, каде луѓето се поискрени, а животот поедноставен.

Токму тука, всушност, почнува и една од најголемите заблуди на нашето време, а тоа е дека порано се живеело подобро. Во разговорите, на социјалните мрежи, па и во јавниот дискурс, често ќе чуете дека денешнава држава е „пропадната“, „без перспектива“, „далеку од тоа што некогаш била“. И така, чекор по чекор, се гради еден наратив, дека иднината не ветува, а минатото било златно.






Но, кој, всушност, бега во минатото?

Одговорот не е идеолошки, туку човечки. Во минатото најчесто се засолнува оној што се плаши од иднината. Оној што не сака, или не може, да се прилагоди, да се натпреварува, да создава. Носталгијата тогаш не е спомен, туку алиби.

А објаснувањето, поточно одговорот на логичното прашање зошто денес не успеваме, најчесто е како од текст на Хармс извадено и гласи: Е па, затоа што „некогаш било подобро“.

Но, дали навистина било?

Денешниот човек во Македонија има нешто што ниту една генерација пред него го имала, пристап до знаење без граници. Никогаш границите не биле толку пропустливи за идеи, бизнис, иницијатива. Со еден клик денес, светот е на дланка. Можности за работа, учење, поврзување, глобални. Никогаш во историјата на оваа земја човекот не бил послободен да успее сам.

Да, тие можности не гарантираат успех. Но, тие го прават успехот возможен на начин што порано, едноставно, не постоел.

Истовремено и никогаш не било потешко да се најде изговор од денес. Денес неуспехот сè потешко се оправдува со „системот“. Затоа системот мора постојано да се претставува како непоправлив и да се напаѓа.

Во сите екс-ју републики, југоносталгијата кај народот е социјален феномен, тема за социолошки истражувања, повод за чашка на маса муабет, тема за филм или слатка ретро-меланхолија.

Но, во Македонија, за жал, таа е конвертирана во евтин политички памфлет и веќе триесет и пет години папагалски повторувана и се уште жива, лесен изговор, илити политикантско алиби, за сите неуспеси од осамостојувањето до денес. А најапсурдно е што токму тие што ја имаа единствената шанса да ја изградат државата, истите кои маестрално ја погребаа, се всушност најгласни и најбројни подржувачи на југословенскиот мит за успешноста. Македонската транзициска левица, во било која форма (партиска, владина или невладина), е чуварот на тој „светол мит“ за поранешната држава каде што „некогаш беше подобро“.

Ова тврдење, „некогаш беше подобро“, е основата, масата на која е распослана целата политичка палета на наративи за безнадежната иднина врз која транзициската левица впрочем до ден денешен го гради својот политички став. Не визија, туку став.

На таа нивна маса Македонија никогаш не е доволна. Таа е секогаш „во транзиција“, „на пат“, „пред влез“, „пред реформи“. Никогаш тука. Никогаш сега. Никогаш способна сама. Секогаш ѝ треба нешто поголемо, некогаш федерација, денес унија, утре, некоја нова конструкција што ќе ги ослободи од сопствената одговорност. Тоа не е политика. Тоа е психопатологија.

И токму тука лежи најголемата измама. Не дека минатото било подобро, туку дека иднината е невозможна без туѓо водство. Една без’рбетна Македонија, која во ЕУ ќе е слуга, а не партнер. Тажно е да се признае, но по триест и пет години, повеќе од јасно е дека носталгијата за транзициската левица не е чувство, туку стратегија.

Во овој контекст, една кратка споредба со транзицијата на денешната хрватска држава, излезена од истата заедничка матрица, сама по себе доволно говори за нашиот згрешен, пред се ментален пат и пристап како држава и народ кон, тогаш, новиот концепт.

Според сите светски индекси на благосостојба, денешна независна Хрватска живее безмалку трипати подобро отколку во времето на СФРЈ. Таму соодносот во политичкото владеење во изминативе децении е речиси 80% наспроти 20% во полза на нивната десница. Дали поради тоа што војната испровоцира сехрватско обединување, дали поради нивниот специфичен патриотски ген, но во таа држава транзициската левица владееше кратко, а и не беше толку брутално апашка, дерогирачка и бескрупулозна.

И токму поради тоа, во Хрватска југоносталгијата е тоа што вистински и треба да биде. Симпатична анегдота и легенда од блиското минато, и ништо повеќе од тоа. Не е мит, не е религија и не е државна идеологија. Таму економијата и индустријата преживеаа и растат бидејќи транзициската левица не успеа да ја девастира државата онака како што тоа го направија тука. Затоа што Хрватска и нејзиниот народ не дозволи носталгијата да стане стратегија.

Злосторството на нашата псевдоелита не е во тоа што манипулативно се сеќава на младоста во СФРЈ. Злосторството е во тоа што му го украде правото на овој народ да биде горд во сопствената држава. Упорно ја продаваат приказната дека бевме џинови само додека бевме под туѓ покрив, а штом останавме под своето сонце, нè убедуваат дека сме џуџиња.

Минатото е комформистичко, удобно. Визијата не, таа бара напор, работа и труд, многу труд.

„Но, зарем и трудот не е релативна категорија?“

… би додал некој од прогресивните невладници денес, додека лежерно го чека следниот грант за деконструкција на сопствената татковина.

Како и да е, можеби проблемот не е во тоа што порано било подобро. Можеби проблемот е што сегашноста бара повеќе од нас. Минатото не бара ништо. Само да го паметиш.

Сегашноста бара проактивност. Иднината, да ризикуваш. Затоа е полесно да ја сакаш Југославија отколку Македонија. Југославија не може да те разочара, таа веќе завршила. Македонија може, затоа што сè уште трае. И токму затоа вреди.

На крајот, не станува збор за политика. Ни за идеологија. Ни за тоа дали некој ќе се препознае во ова или ќе се налути. Станува збор за едно едноставно прашање: Ако навистина веруваш дека најдоброто ти било вчера, што точно планираш да направиш утре?

Затоа што народ кој го убедиле дека врвот му е зад него, не се движи напред. Тој стои. И чека.

А зар историјата ги памети и оние што чекале?

Поврзани содржини