ЗАВРШНИ РАБОТИ НА ЛЕНИНОВА Асфалтиран кружниот тек кај Орце Николов, реконструкцијата влегува во претпоследна фаза

Реконструкцијата на улицата Ленинова продолжува со поставување втор слој асфалт, уредување на пешачките патеки, осветлувањето и ново зеленило.

1

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во градежните активности на улицата Ленинова, каде што е во тек претпоследната фаза од реконструкцијата.

Во моментов се поставува втор слој асфалт на потегот од булеварот Партизански одреди до крстосницата со улицата Илинденска, во должина од 412 метри.






Паралелно се асфалтира и кружниот тек на крстосницата со улицата Орце Николов, кој ќе остане како трајно сообраќајно решение. Според Општина Центар, кружниот тек се покажал како успешен во намалувањето на бројот на сообраќајни несреќи во овој дел од градот.

Во рамки на досегашните активности, од двете страни на улицата се изградени нови пешачки патеки со вкупна должина од 825 метри. Извршено е подигнување и нивелирање на сливниците и уличните шахти, поставени се нови рабници, а паралелно се реконструира и мрежата за јавно осветлување.

Во следниот период е предвидено поставување ново урбано зеленило, делумно во жардињери, со што дополнително ќе се уреди просторот околу улицата.

Реконструкцијата на вториот дел од улицата Ленинова го опфаќа потегот од булеварот Партизански одреди до објектот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во должина од над 600 метри.

– Со ова го заокружуваме уредувањето на улицата Ленинова како една од клучните сообраќајници во општината. Општина Центар континуирано вложува во современа, безбедна и функционална инфраструктура, со цел побезбеден и поефикасен сообраќај за сите учесници – изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

Првиот дел од улицата Ленинова беше реконструиран во 2023 година, на потегот од булеварот Партизански одреди до Клубот на пратеници.

Поврзани содржини