Транзицијата како развоен скок во ЕУ

БДП по глава на жител на членките на ЕУ се приближи до европскиот просек, така што постепено се случува изедначување меѓу населението на најбогатите земји и жителите на најсиромашните земји во Унијата.

0

Веќе станува депласирано и се чини сè помалку важно повикување на споредбите во контекстот на колапсот на комунизмот и развојот на земјите по историскиот пресврт означен со падот на „железната завеса“ во Европа. Три и пол децении подоцна општествената транзиција покажува исклучително динамичен процес, но едновремено и мошне нерамномерен, според остварените резултати.

Полска, судејќи според најважните параметри на развојот, посебно се издвојува како пример. Полска повеќе од двојно ја зголеми својата економија од 2015 година, потиснувајќи ја Шведска како шеста најголема економија во ЕУ. Шведска падна од шестото на деветтото место во истиот период, според податоците на ММФ и Евростат.






Полска учествуваше со 4,9 проценти во вкупниот БДП на ЕУ во 2025 година, со економија што изнесуваше 922,9 милијарди евра. Само Германија, Франција, Италија, Шпанија и Холандија се поголеми во ЕУ. БДП-то на Полска порасна за 3,6 проценти минатата година, повеќе од двојно побрзо од просекот на ЕУ од 1,5 проценти.

Во 2015 година, Шведска, по големата петорка, беше рангирана како шеста најголема од денешните земји-членки на ЕУ, со економија од 502 милијарди долари во споредба со 480 долари на Полска, според податоците на ММФ. Десет години подоцна, Полска порасна за 116 проценти на 1.036 милијарди долари, пресметано по тековни цени. Шведска порасна за 33 проценти на 669 милијарди долари. Разликата е повеќе од евидентна.

Промената е видлива и во паричниците. Полска ја престигнува Шведска во растот на богатството и го зголеми бројот на ултрабогати за 109 проценти за пет години, додека Варшавската берза се зголеми повеќе од двојно за четири години. БДП-то на Полска по глава на жител е сè уште околу 81 процент од просекот на ЕУ прилагоден на куповната моќ, според Евростат. Но, по повеќе од две децении членство во ЕУ, јазот се стеснува.

Полска ја започна својата транзиција во почетокот на 1990-тите година како една од најсиромашните и најдевастирани економии по падот на комунизмот. Но, кога денес се разгледува комбинацијата од економски развој, демократија, институции, интеграција во ЕУ и животен стандард, Полска обично се вбројува меѓу трите најуспешни приказни во транзицијата.

На прво место се издвојува Словенија, која најчесто се смета за најуспешен пример. Земјата брзо премина во пазарна економија, стана членка на ЕУ и еврозоната и постигна животен стандард близок до оној на Западна Европа. Пред Полска во најширока смисла се споменува и Чешка, која имаше брза економска трансформација, силна индустрија и денес е една од најбогатите земји во Централна и Источна Европа. Истражувањата ја посочуваат Чешката Република како една од главните победници на транзицијата.

И други земји во Источна Европа во транзицијата препознаа голема историска шанса. Естонија стана лидер во дигитализацијата, јавната администрација и економските реформи. Естонија често се опишува како најуспешна од поранешните советски републики. И Словачка спроведе обемни и квалитетни реформи во 1990-тите и 2000-тите години и со само 5,4 милиони жители стана еден од најважните производители на автомобили во Европа.

Полското искачување на ранг-листите како една од најбрзорастечките европски економии е резултат на континуирани и консеквентни развојни политики. Полска спроведе обемни пазарни реформи и стана првата посткомунистичка економија што се опорави од транзициската криза. Исто така, за разлика од пост-комунистичките земји на Балканот, Полска релативно брзо го зајакна владеењето на правото и ја зацврсна заштитата на имотните права и на демократските институции. Земјата доби многу големи субвенции од ЕУ и обемни странски инвестиции. Патиштата, железниците и другата инфраструктура беа значително модернизирани, напоредно со големи инвестиции во образованието што овозможи бум во привлекувањето на индустриски и технолошки компании.

Она околу што не би требало да има посебно сомнение, и што многупати е констатирано, е дека ЕУ им го отвори патот за забрзан развој на бившите тоталитарни режими, кои беа притиснати во сенката зад железната завеса во Европа. За Бугарија, на пример, членството во ЕУ функционираше како вистински лост, без оглед на фактот дека Бугарија на ранг-листата на Евростат и понатаму е рангирана на последното место во Унијата.

Општо земено, развојот во ЕУ во последните десетина години, откако беше примена последната членка на Унијата, покажува интересни резултати. Хрватска стана членка во 2013 година, а во текот на изминатата деценија постигна скок од 62 на 76 отсто од европскиот просек. Но, без оглед на напорите за изедначување на регионалниот развој, за разлика од високоразвиениот северозапад на ЕУ, опашките на економското заостанување и понатаму се влечат на европскиот југ.

Тоа недвосмислено го потврдуваат статистички показатели. Само неколку проценти над Бугарија, како претпоследна на ранг-листата е Грција, која од 2013 година доживеа дури и значаен пад на куповната моќ по глава на жител – од 72 на 67 проценти во последните години. Гледано, пак, во подолг период, од 1995 година, кога Грција беше на ниво од 87 отсто од ЕУ-просекот, постепено потона за цели 10 проценти. Вреди да сеистакне дека Грција е полноправна членка во ЕУ веќе четири и пол децении.

Земјата што остана со најниска куповна моќ според БДП по глава на жител, како што беше и пред десетинс години, е Бугарија. Тоа во секој случај не ги спречи Бугарите да го поткренат својот животен стандард и да станат побогати во однос на 2013 година. Но бидејќи едновремено другите земји станаа уште побогати, Бугарија останува на дното на листата на ЕУ-членките.

Еден од главните ефекти, гледано во подолг временски период од неколку децении, е тоа што БДП по глава на жител на членките на ЕУ се приближи до европскиот просек, така што постепено се случува изедначување меѓу населението на најбогатите земји и жителите на најсиромашните земји во Унијата. Тринаесет од 16-те најсиромашни членки на ЕУ и осум од 11-те најбогати земји денес се поблиску до просекот на ЕУ отколку пред десетина години. Словенија се искачи на 91 процент од ЕУ-просекот.

ЕУ е несомнено спас за сиромашните во Европа. На Бугарија ѝ беа потребни речиси две децении, колку што е полноправна ЕУ-членка, за да ја подобри својата релативна куповна моќ по глава на жител за околу 20 отсто. Својот „европски пат“, сметајќи ги претходните десетина години на пристапните преговори, пред да стане членка во 2007 година, Бугарија го почна на ниво од само 30 отсто од европскиот просек. Оттогаш, повеќе од двојно го зголеми својот БДП биланс по глава на жител – на 64 проценти.

Македонија, во лигата на сиромашниот југ е на дното, заедно со Босна и Албанија, и е уште далеку и од нивото од 50 отсто од европскиот просек, каде што моментално се наоѓаат Црна Гора и Србија. Колку години, или подобро речено децении, ќе ѝ бидат потребни на Македонија, која уште ги нема ни почнато пристапните преговори за членство, како и на Западен Балкан во целина, да се доближи до нивото на Бугарија во однос на ЕУ-просекот, е, најблаго речено, неблагодарно да се прогнозира.

Но, во крајна линија, какви можности постојат за Македонија да побара поинакви и подобри развојни перспективи, доколку тоа не би било зачленување во ЕУ? Сепак, каква би била ползата од едно такво членство без претходно спроведување на вистински, ефикасни и квалитетни реформи во клучните сфери на општествениот систем. Додека тој сè уште се смета дека функционира како одржлив систем.

За засилување на довербата, и тоа во преден план не меѓу европската бирократија во Брисел, туку, пред сè, во домашната јавност, би било пожелно, за почеток, барем малку да се поткренат оние срамни два проценти доверба во македонското правосудство.

Довербата е еден од темелите за одржлив развој. Без тоа – нема ни ЕУ.

Поврзани содржини