🎥 ТРАГЕДИЈА НА ПРОТЕСТИТЕ ВО ФРАНЦИЈА, 15-ГОДИШЕН УЧЕНИК ЈА ИЗГУБИ РАКАТА ОД ПОЛИЦИСКА ГРАНАТА Утре се очекува масовна мобилизација

Инцидентот се случи во момент кога протестното движење на француските средношколци влегува во третата недела и се прошири низ целата земја. Денеска се затворени или блокирани 413 средни училишта, од вкупно околу 3.700, иако бројката е намалена во однос на 564 училишта во петокот.

91

Франција денеска ја потресе тешкиот инцидент во Ленс, каде што 15-годишен ученик остана без дланката за време на протестите пред средно училиште.

Според првите информации објавени од француските медиуми, 15-годишникот можеби кренал полициска граната која потоа му експлодирала во раката.Истрагата треба да утврди точно како дошло до експлозијата.






Инцидентот се случил околу 10:30 часот утрово во близина на средното стручно училиште „Огист Бехал“ во Ленс, град на северот од Франција.

Ученикот бил итно префрлен во болница во Лил. Неговиот живот не е во опасност.

Обвинителството отвори истрага за насилството, за да се утврди хронологијата и околностите во кои се случила повредата.

Обвинителот од Бетјун, Етјен Тиефри, вели дека околностите сè уште не се утврдени.

– Во овој момент не можам формално да кажам дали тој  ја зел гранатата што му експлодирала во раката или гранатата паднала врз него – рече Тиефри.

Инцидентот се случи во момент кога протестното движење на француските средношколци влегува во третата недела и се прошири низ целата земја. Денеска се затворени или блокирани 413 средни училишта, од вкупно околу 3.700, иако бројката е намалена во однос на 564 училишта во петокот.

Во Париз, Лил, Лион, Тулуз, Бордо, Рен и други градови имаше блокади, судири и интервенции на полицијата. Во Лил полицијата употребисолзавец, а во Тулуз исто така е употребено средство за растерување на демонстрантите.

Протестите почнаа на 17 септември во предградие на Париз, првично поради недостиг на наставници, пренатрупани училници и лоши услови во училиштата. Но, за кратко време незадоволството се прошири и на други прашања – состојбата на училишните згради, долгите наставни денови, нееднаквоста во образованието и притисокот поврзан со системот Parcoursup за упис на факултет.

Владата денеска соопшти дека 24 училишта биле вандализирани или запалени, а 78 просветни работници се повредени од почетокот на протестите.

Истовремено, се зголемува и спорот околу постапувањето на полицијата. Во последните денови се пријавени повеќе случаи на тешко повредени малолетници – меѓу нив 15-годишното момче во Ленс, ученик во Тур кој претрпел тешка повреда на окото, како и други случаи во париските предградија. Синдикати и организации за човекови права ја обвинуваат француската полиција за несразмерна употреба на сила, додека владата инсистира дека полицијата реагира на насилството, фрлањето предмети и пиротехнички средства врз службениците.

Од почетокот на протестите се приведени околу 5.000 лица, главно малолетници.

Сепак, насилството не доаѓа само од страна на полицијата. Во повеќе градови демонстранти фрлаа камења, пиротехника и молотови коктели и палеа канти и влезови на училишта. Во Париз денеска маскирани лица се обиделе да запалат влез на средно училиште, додека во Лил биле оштетени автобуски постојки и запалени канти. Француската влада најави и закон со кој родителите би можеле финансиски да одговараат за штетата предизвикана од нивните деца.

Утре, 6 октомври, протестите треба дополнително да се прошират. Унијата на средношколци и Студентската унија повикаа на национален ден на мобилизација, а поддршка најави и моќниот синдикат CGT. Протести се најавени во десетици градови – Париз, Лион, Марсеј, Тулуз, Бордо, Рен, Лил, Стразбур, Ница, Нант, Монпеље, Руан, Нанси, Гренобл, Амиен и други. Само Студентската унија на својата листа наведува повеќе од 30 градови со најавени собири.

Во Париз главниот протест е закажан за 14 часот на плоштадот Република, а генералниот секретар на синдикатот CGT, Софи Бине, најави дека членовите на синдикатот ќе бидат присутни „за да го заштитат правото на учениците да протестираат безбедно“.

Образовните синдикати исто така повикаа на учество во утрешната мобилизација.

Бине ја обвини владата за „невидена репресија“, додека премиерот Себастиен Лекорни и неговата влада се обидуваат да го вратат наставниот процес и истовремено најавуваат конкретни мерки за замена на отсутните наставници, подобрување на условите во училиштата и решавање на проблемот со пренатрупаните паралелки.

Утрешниот ден се смета за клучен момент за протестното движење – од една страна учениците и синдикатите најавуваат уште поголема мобилизација, а од друга властите стравуваат дека протестите повторно ќе бидат искористени од радикални групи и ќе прераснат во улично насилство.

🎥 СТОТИНА УЧЕНИЦИ ЕВАКУИРАНИ ОД ЗАПАЛЕНО УЧИЛИШТЕ Ова е најрадикалниот инцидент во бранот ученички протести во Франција

Поврзани содржини