Техничката влада како политички рецидив, неразумниот отпор на Филипче кон реалноста

СДСМ со години беше на власт, но не изгради систем без техничка влада. Денес, наместо одговорност, гледаме отпор и одбрана на сопствениот неуспех.

0

На почетокот на месец јануари 2025 година, СДСМ одби да учествува на разговорите за укинување на Пржинската, односно техничката влада. Денес, со истата аргументација и речиси идентична реторика, партијата преку Филипче продолжува да се спротивставува на нејзиното укинување, повикувајќи се на потребата од консензус и наводна неподготвеност на институциите да гарантираат фер избори.

Оваа конзистентност не е доблест, туку показател за политичка стагнација. Наместо еволуција на ставовите во согласност со времето, искуството и реалните институционални капацитети, сведочиме на тврдоглаво држење до модел кој одамна требаше да биде надминат. Оттука и легитимното прашање: како е можно по повеќе од една деценија, по неколку изборни циклуси и по постојани повици за европски стандарди, сè уште да се брани кризен механизам како да е трајно решение?

Техничката, односно Пржинската влада, не е ниту нормален, ниту стандарден, ниту уставно заснован модел, туку ад хок политички механизам создаден за кризни околности. Таа произлезе од интензивните преговори под патронат на ЕУ и САД кои завршија со потпишувањето на Пржинскиот договор во 2015 година, како кризен механизам за надминување на тогашната политичка состојба по објавувањето на „бомбите“. Со овој договор 100 дена пред избори се воспостави преодна влада со ограничен мандат и строго дефинирана цел: да обезбеди фер и демократски избори во услови на длабока политичка недоверба.

Таа влада беше замислена како исклучок, не како правило. Како привремено решение, не како траен модел. Но денес, дванаесет години подоцна, техничката влада опстојува како политички рецидив, токму на што укажував во мојата колумна од јануари 2025 година. Наместо ова времено решение досега да биде укинато, ние сè уште сме сведоци на досега невиден агресивен отпор за нејзиното укинување.

Ајде да се обидеме за кратко да не ги затвораме очите пред реалноста и да се потсетиме што кажува правната регулатива за надлежностите и структурата на Пржинската влада. Постојните решенија во пракса, наместо ред и хомогеност на извршната власт, континуирано создаваа (и ќе создаваат во иднина) институционална парализа. Концептот на техничката влада содржи низа нерационални решенија што ја правеа нефункционална во праксата. Самата структура на техничката влада, со министри, заменици и дополнителни заменици од различни партии, со „врзан потпис“, покажа сериозни слабости. Во пракса, одлуките често остануваа без обострана согласност како резултат на одбивањето на дополнителните заменици министри да ги поддржат и потпишат одлуките. Принципот на „врзан потпис“, каде заменик-министер од друга партија може да блокира одлуки на министерот, во пракса не значеше контрола, туку институционална блокада. Наместо ефикасност, се создаваше парализа во носењето одлуки, дури и за тековни и административни прашања.

Наместо институционална координација, се создаваше атмосфера на недоверба и паралелно делување, при што медиумите стануваа главен посредник во комуникацијата меѓу институциите, наместо тие да функционираат како единствен систем.

Понатаму, двојната и тројната партиска поставеност во клучни ресори не водеше (а не води и денес) кон баланс, туку кон судир на интереси и дневнополитичко калкулирање. Наместо координација, имаме натпревар во блокирање. Наместо одговорност, имаме префрлање вина.

Дополнителен апсурд е што техничката влада формално е одговорна за спроведување на изборите, а истовремено е составена од политички актери кои директно учествуваат во тие избори. Така, наместо неутралност, се создава систем во кој секој контролира секого, но никој не сноси вистинска одговорност.

Техничката влада не е гаранција за демократија – таа е доказ дека институциите не функционираат

Како резултат на овие недоречености и импровизации, наместо стабилност, се доби дополнителен хаос и блокада на тековните активности. Присуството или бојкотот на седници на Владата станува политичка алатка, а не инструмент за управување.

Исто така мора да се има во предвид дека оваа времена влада нема право да предлага и да носи стратешки одлуки, да предлага амбасадори, директори на јавни претпријатија и членови на управни одбори. Дури и во чувствителни области како безбедноста, техничкиот премиер формално присуствува на координации, но без можност да предлага или одлучува. Апсурдна ситуација за држава што треба нормално да функционира.

Наместо да спречи злоупотреби, техничката влада често создаваше нови ризици. Наместо деполитизација, добивме дополнителна политизација. Наместо доверба – продлабочена конфронтација. Наместо одговорност – паралелни центри на моќ. Партиските функционери не функционираат како дел од извршната власт, туку како контролори на институциите во кои се поставени.

И токму тука се враќаме на денешната позиција на Филипче. Ако овој модел очигледно не ги даде очекуваните резултати, ако создава нефункционалност и институционална блокада, тогаш што точно се брани? Принцип или навика? Демократија или недоверба?

Оттука се наметнува и клучното прашање: чија и кон кого е таа недоверба што се брани со техничката влада? Се работи за недоверба во институциите или можеби страв од изборен пораз?

Кога нема резултати, се брани механизмот. Кога нема систем, се брани изговорот.

Ако по повеќе од 12 години сè уште тврдиме дека без техничка влада нема фер избори, тогаш проблемот не е во моделот, туку во оние што не успеале да изградат систем што функционира без него. А кога тие исти актери, од Заев до Ковачевски,  со години беа на власт и не го направија тоа, тогаш не станува збор за околности, туку за нивен политички неуспех.  Со кое право и со каков образ денес Филипче го брани тој очигледен неуспех? Зошто тврдоглавост наместо одговорност? Зошто одбрана на кризен модел наместо градење нормален систем? Зошто бегање од укинување на рецидивот што ја продолжува агонијата и хаосот, наместо соочување и исправување на сопствените пропусти?.

И затоа, ова веќе не е дебата за техничката влада. Ова е тест за политичка зрелост. А на тој тест некои очигледно паѓаат на прва.

Укинувањето на техничката влада не смее да значи укинување на контролата. Напротив, контролата мора да се засили преку независна ДИК, јасни санкции за изборни злоупотреби, транспарентно финансирање и функционално јавно обвинителство. Тоа се системски решенија, а не ад хок политички договори од кризно време.

Техничката влада одамна не е решение. Таа е симптом. И додека Филипче ја брани како нужност, всушност го потврдува нејзиниот неуспех, односно нефункционалност.

Денес, техничката влада е политички рецидив, остаток од една кризна епоха што одамна требаше да биде затворена. Медицински кажано, станува збор за канцер кој нè потсетува на лошите времиња. Нејзиното понатамошно опстојување не е знак на демократија и прогрес, туку на неспособност да се излезе од минатото. Неаргументираното спротивставување на нејзиното укинување не е само непромисленост на раководството на опозицијата, туку голем чекор назад за Република Македонија.

 

Поврзани содржини