„ТАБУ РЕПУБЛИКА“ ВЕЧЕРВА ВО МКЦ Танц-претстава без цензура на Бобан Русески
Делото разработува сензитивна тематика и ги опфаќа лицата од ранливи категории, лица со оштетен вид и слух, лица со инвалидитет, кои се најмногу обесправени од самите институции. Една од многуте табу теми во нашите краишта, кои ме инспирираа да го создадам ова дело, се со цел да се слушне за овие проблеми и да се зборува отворено за нив во нашето општество, вели Бобан Русески.
Вечерва со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар ќе се изведе претставата „Табу република“ на кореографот Бобан Русески, во продукција и изведба на Скопје танцовиот театар во рамки на фестивалот Танц фест 2023.
– „Табу република“ нема цензура. Таа се бави со тематики на лицата од женскиот род, жената како родилка и носител на живот. Како кореограф во подготовките правев истражувања колкава е стапката на смртноста на жените при породување. Фокусот е ставен на абортусот, кој најчесто се случува поради недоволното сексуално образование кај младите лица. Претставата ги истражува состојбите во кои се стишува гласот на младите, поради општествените предрасуди и погледи кон самиот чин. Често наидував на млади девојки, познанички, кои се соочуваат со тие проблеми и тоа ме поттикна повеќе да истражувам на оваа тема. По неколку интервјуа со гинеколози, психолози и дефектолози, сфатив дека проблемите со кои се соочува младината, се многу подлабоки, а со дел од овие проблеми се соочуваат и повозрасни лица. Воедно, делото разработува сензитивна тематика и ги опфаќа лицата од ранливи категории, лица со оштетен вид и слух, лица со инвалидитет, кои се најмногу обесправени од самите институции. Една од многуте табу теми во нашите краишта, кои ме инспирираа да го создадам ова дело, се со цел да се слушне за овие проблеми и да се зборува отворено за нив во нашето општество – вели Бобан Русески.
Покрај Русески, кој е потписник на кореографијата и режијата, во претставата учествуваат и Ема Ананиевска со пијано изведба, на теремин Кети Танчева, а визуелен уметник е Кристијан Јованоски. Костимите се на Благој Мицевски, плакатот за претставата го подготви Кристијан Јованоски, а настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска и Сара Цветковска и студентите на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“: Стефи Шааршмит, Клара Христовска, Илина Костовска, Моника Шолевска, Михаела-Анџела Глигорова, Ангела Петровска, Јоана Благадуша, како и актерката Наталија Ристеска.
Претставата се препорачува за лица над 16 години.