СУДСКИОТ СОВЕТ ЈА ИСТРАЖУВА СОСТОЈБАТА ВО КУМАНОВСКИОТ СУД ПО ПОПЛАКИТЕ ПРОТИВ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА Извештаите се во завршна фаза
Член на Судскиот совет Ивица Николовски, кој е координатор за Основниот суд Куманово, истакна дека Советот подолг период ги следи случувањата во судот и дека прашањето не е ново за институцијата.
Судскиот совет на денешната седница расправаше за состојбите во Основниот суд Куманово, откако вчера Синдикатот на УПОЗ јавно реагираше на навреди и несоодветен однос кон вработените од страна на претседателката на судот.
Член на Судскиот совет Ивица Николовски, кој е координатор за Основниот суд Куманово, истакна дека Советот подолг период ги следи случувањата во судот и дека прашањето не е ново за институцијата.
Тој посочи дека веќе се формирани две комисии кои работат на утврдување на фактичката состојба, а во меѓувреме до Советот пристигнуваат и дополнителни информации и дописи од засегнатите страни.
– Во насока на испитување на случувањата во Куманово и изнаоѓање решение што ќе доведе до позитивен исход за сите, закажана е средба по барање на претседателот на Судскиот совет и претседателот на Основниот суд Куманово. Извештаите се при крај и очекувам во една од наредните седници да бидат ставени на дневен ред – информираше Николовски.
Тој додаде дека во извештаите ќе бидат опфатени наодите од посетите на судот, како и информациите добиени од сите инволвирани страни, по што Советот ќе донесе заклучоци за понатамошно постапување.
По повод реакциите на УПОЗ, членот на Советот Сузана Јошевска-Анастасовска информираше дека претставката на која се повикуваше синдикатот веќе е предмет на постапување.
Според неа, претставката не била доставена со оригинални потписи, но наместо да биде отфрлена поради формални недостатоци, Советот решил да преземе дополнителни активности поради јавниот интерес и потребата од целосно согледување на состојбите во Куманово.
– По претставката не само што се постапува, туку е постапено во најкратки можни рокови и на најсовесен начин. Намерата беше да се излезе во пресрет на вработените и да се испитаат нивните наводи, но за тоа е неопходно да бидат исполнети и законските услови за постапување – појасни Јошевска-Анастасовска.
Вработени кумановскиот суд поднесоа претставка до Судскиот совет со која бараат разрешување на претседателката на судот Снежана Манев, поради тоа што со години биле изложени на навреди, притисоци и недолично однесување од нејзина страна. Синдикатот на УПОЗ вчера побара Судскиот совет итно да постапи по оваа претставка. Претседателот на овој синдикат, Трпе Деаноски рече дека од вкупно 90 вработени во судската администрација, 75 ја потпишале претставката против претседателката.
Претседателката Манев ги отфрли наводите протв неа како неточни и паушални и посочи дека не е наведен ниту еден конкретен случај, кога и кон кого бил извршен притисок. Според неа, протестот е организиран од судскиот администратор, претседателот на синдикатот, еден службеник и неколкумина вработени, а повод е дисциплинската постапка против судскиот администратор поради несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи. Манев речеи дека поради намалувањето на бројот на вработени во судот се врши реорганизација и поголемо ангажирање на постојниот кадар, а дел од вработените, поддржани од судскиот администратор одбивале да ги извршуваат дадените задачи.