ДЕЦАТА ГО МОЛАТ ЛАЈОНЕЛ РИЧИ ДА ЗАБАВИ По третата хоспитализација, пејачот прави пауза од сцената

77-годишниот Ричи беше подложен на процедура за регулирање на неправилниот срцев ритам, позната како аблација, откако во само три месеци турнејата трипати беше прекината поради неговите здравствени проблеми.

0

Лајонел Ричи повторно прави пауза од настапите откако беше хоспитализиран и подложен на процедура поради атријална фибрилација, односно неправилен срцев ритам. Неговиот претставник потврди дека 77-годишниот пејач сега се чувствува добро и дека лекарот рекол оти процедурата поминала совршено.

– Лајонел беше подложен на вообичаена процедура за атријална фибрилација. Докторот рече дека сè поминало совршено. Лајонел се чувствува одлично, но ќе одмори некое време и наскоро ќе се врати на сцената – соопшти неговиот претставник.






Станува збор за аблација, минимално инвазивен третман при кој се создаваат мали лузни во делови од срцето за да се блокираат неисправните електрични сигнали што го предизвикуваат неправилниот ритам на срцето.

Последниот здравствен проблем е трет прекин за Ричи откако во јуни започна неговата заедничка турнеја со „Earth, Wind & Fire“. На првиот концерт во Сент Пол, Минесота, пејачот ненадејно почувствувал вртоглавица и се пожалил дека се чувствува „чудно“. Настапот беше прекинат, а Ричи бил пренесен во болница со амбулантно возило. Подоцна беше објавено дека дехидратацијата била причина за проблемот, по што два концерти биле одложени.

Кон крајот на август следуваше уште еден инцидент. По настапот во Сент Луис, Ричи сам се пријавил во болница од претпазливост и поминал три дена на одделението за интензивна нега, каде што му биле направени испитувања поврзани со срцето. На почетокот на септември бил пуштен дома и тогаш било соопштено дека се чувствува добро.

Сега поради последната хоспитализација се откажани неговите следни три настапи со „Earth, Wind & Fire“ – во Сан Франциско на 26 септември, Чикаго на 30 септември и Колумбус на 2 октомври. Во меѓувреме, неговите деца се загрижени за него и според извори цитирани од „Page Six“ го молат да го намали темпото. Никол, Мајлс и Софија Ричи стравуваат дека татко им премногу се форсира со настапите и сакаат да си дозволи повеќе одмор, особено по последните здравствени проблеми.

И самиот Ричи досега не покажувал желба да се повлече од сцената. Напротив, и по претходните проблеми се враќаше на настапите, а неговиот распоред останува исполнет. По кратката пауза, тој има планирани концерти во Лас Вегас во октомври и ноември во рамките на својата резиденција „King of Hearts“.

Ричи, кој зад себе има кариера подолга од пет децении, во последните години останува активен и како музичар и како телевизиско лице. Освен турнеите, тој е познат и како долгогодишен член на жирито на „American Idol“, а неговите концерти и резиденцијата во Лас Вегас остануваат дел од неговиот актуелен распоред.

Поврзани содржини