СОЛЗАВЕЦ И ШОК БОМБИ ЗА ДЕМОНСТРАНТИТЕ ВО ЦЕТИЊЕ Јоаникиј и Порфириј со хеликоптер пристигнаа во манастирот
Патријархот на Српската православна црква, Порфириј и митрополитот црногорско-приморски, Јоаникиј, со хеликоптер пристигнаа во манастирот Цетиње. Нив ги обезбедуваат силни полициски сили, јавија црногорски медиуми. Хеликоптерот слета пред манастирот Цетиње.
Автобусите со свештеници кои беа на пат за Цетиње се вратија во Подгорица.
Полицајците кои пристигнаа на местото каде што граѓаните го блокираат патот Цетиње – Подгорица бараат од демонстрантите да се разотидат.
Од утрово е тензично во Цетиње каде полицијата фрли солзавец врз граѓани на повеќе локации кои протестираат против најавеното устоличување на митрополитот Јоаникиј во манастирот Цетиње. Од раните утрински часови се слушаат полициски сирени.
Устоличувањето на митрополитот на СПЦ Јоаникиј беше планирано за денеска во 8 часот во манастирот Цетиње, јавија црногорски медиуми.
Во инцидентите повредени се четири лица кои побарале помош во Општата болница во градот.
Големи полициски сили се распоредени во Цетиње за да пробијат барикади и да им овозможат на свештеници од СПЦ да стигнат до Цетињскиот манастир, но граѓаните тоа не го дозволија. Според РТЦГ, врз граѓаните се фрлени три солзавци и неколку шок бомби.
Граѓани на Црна Гопра синоќа го блокираа приодите кон Цетиње за да оневозможат српскиот патријарх Порфириј и свештенство на СПЦ да извршат устоличување на митрополитот Јоаникиј во манастирот во Цетиње.
Српскиот патријарх Порфириј синоќа објави дека Српската православна црква нема да се откаже од устоличување на митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј во манастирот Цетиње.
„Утре наутро, со Божја помош и молитва за мир, сите архиепископи ќе заминат на Цетиње за да го устоличат владиката Јоаникиј во трон митрополит црногорско-приморски“, изјави Порфириј за Танјуг, пренесе Бета.
Претходно, дел српски и црногорски медиуми објавија дека устоличувањето во Цетиње е откажано поради безбедносни ризици.
Порталот Борба, близу до владејачкиот Демократски фронт, објави дека устоличувањето е откажано, но дека патријархот Порфириј одбил да го престоли Јоаникиј во Подгорица.