СКОПСКИОТ БЕНД FICTION ЈА ДОПРЕ ПУБЛИКАТА По првиот албум, снимија и спот за „Песна“
Членовите велат дека Fiction e бенд со влијанија кои осцилираат, од сите жанровски крајности, дефинирајќи се генерално како алтернативен рок, но со успешно имплементирани фанк, поп, фјужн и synth-wave влијанија, со што креира автентичен стил.
Љубителите на квалитетна, домашна авторска музика го препознаваат скопскиот бенд Fiction по неговиот автентичен настап и веднаш можат да ги набројат песните „После дождот“, „Дали знае“, „Сега или никогаш“, „Броj до три“, „Допир“…
Пред неколку месеци Fiction го издаде дебитантскиот албум „Лавиринт“ кој имаше експлозивна концертна промоција во Скопје пред преполн клуб и публика која ги знаеше наизуст песните од албумот, но и постарите песни на бендот. А пред неколку дена, бендот го објави и спотот за песната „Допир“, кој е сниман во живо на концертната промоција.
Членовите велат дека Fiction e бенд со влијанија кои осцилираат, од сите жанровски крајности, дефинирајќи се генерално како алтернативен рок, но со успешно имплементирани фанк, поп, фјужн и synth-wave влијанија, со што креира автентичен стил.
Бендот постои веќе 8 години. Го оформиле Петар (Ѓуревски) како вокал, Захар (Виктор Захариев) на гитара и Ади (Филип Андонов) на бас-гитара, а подоцна им се придружил и Tео (Теодор Теодосиевски) на тапани.
– Во тие денови, сон на секој од нас беше да е во бенд, едноставно такво беше времето – ако свириш, треба да имаш и група. Правевме проби секој ден, бевме заедно поголем дел од времето, па така почнавме да развиваме и свои музички идентитети кои сѐ уште заедно ги надоградуваме. Затоа и велиме дека бендот е наше второ семејство. Fiction најмногу го одржува братската љубов која владее меѓу нас, како и љубовта кон музиката и кон творењето. Секако и поддршката од фановите е она што секогаш ни давало дополнителен поттик и стимул да работиме уште понапорно и да продолжиме да креираме – велат членовите.
Тие додаваат дека единствениот начин да се опстане на која било сцена е исклучиво со авторски материјал.
– Нашата локална сцена, алтернативна или популарна, хибернираше доста долг период додека бевме деца. Но, имавме среќа таа да се разбуди од сон токму во времето кога почнавме да креираме и ние, па некако се вклопивме и придонесовме во тој нов бран на македонска музика. Емоционално и спиритуално не е воопшто тешко да се избориме со секој предизвик штом го правиме она што го сакаме и она во кое сме најдобрата верзија од себеси. Од друга страна, материјалниот дел од равенката е оној кој претставува, благо кажано, поголем предизвик. Ова не е случај само со нас, туку со сите што се занимаваат со авторска музика од почетокот на овој век, низ целата планета. Гледаме да се адаптираме на времето, растевме во пикот на дигитализацијата на музиката, малку ја фативме ЦД – ерата, а сведочевме на подемот на социјалните медиуми и стриминг платформите. Не патиме од тоа да имаме тик-ток хитови и слава преку ноќ, но се обидуваме да ги искористиме достапните платформи за да допреме до што е можно поширока публика – велат музичарите.
Во ноември 2024 година групата го објави првиот албум „Лавиринт“ на сите дигитални платформи, а кратко потоа имаше и концертна промоција на албумот во Станица 26.
– Пресреќни сме со реакцијата на публиката на албумот. Уште во првите денови по излегувањето на албумот, добивме безброј убави коментари и одличен фидбек на песните. Најмногу ни значи тоа што луѓето се препознаваат во песните и ги доживуваат на еден нов начин што досега ние не сме го знаеле. Тоа ни значи најмногу. Уште на концертната промоција, која се одржа само две недели по дигиталното издавање на албумот, луѓето ги знаеја песните напамет. За еден бенд нема поголема сатисфакција од тоа. Се надеваме дека „Лавиринт“ допрва ќе го најде своето место во македонската алтернативна и поп култура, најмногу затоа што сакавме да направиме песни што ќе траат, песни што и за пет, десет или 20 години од сега ќе имаат тежина и ќе останат релевантни – велат младите музичари.
Тие не мислат дека нивниот стил на музика е анти-комерцијален, ниту пак анти-алтернативен.
– Со текот на годините научивме да ги собереме сите наши влијанија и да се обидеме да ги ставиме во оригинален контекст. Никогаш не сме сакале да бидеме присилно авангардни. Тоа ни е дури и одбивно, најискрено. Ниту пак сакаме да сме присилно поинакви. А на крај пак излегува дека сме. Нашите најголеми влијанија сепак може да се класифицираат како поп-актови. Џими Хендрикс бил поп-ѕвезда, Дејвид Боуви беше поп-ѕвезда, Depeche Mode се поп. Креираме како што се чувствуваме во моментот, идеите излегуваат како што течат низ нас, без компромис и без задржување – додаваат тие.
Во 2024 година бендот беше еден од 12. финалисти на конкурсот за наградата „Милан Младеновиќ“, кој се организира на ниво на цел Балкан. Втор пат учествувале на овој конкурс, првиот пат со песната „Број до три“ која стигна до полуфиналето, а оваа година со песната „Допир“ со која стасаа до финале. Оваа песна се најде на компилацијата од 12 финалисти која ја издаде здружението „Милан Младеновиќ“, заедно со уште 11 финалисти од цел Балкански полуостров.
– Изминатата есен ја посветивме на концерти и фестивали, бевме дел од UnderFest 2024 во МКЦ, потоа дојде промоцијата, па настап на Пирит фестивалот во Митровица. Планираме да продолжиме со овие живи настапи, сакаме да допреме до што е можно поголема и поразлична публика од она што сме навикнати. Во исто време работиме и на видео записи за некои од песните на албумот. Паралелно на тоа работиме и на нов материјал што допрва ќе го објавиме – велат членовите на скопскиот бенд Fiction.