ПРОДАВАЛЕ МРАЗ СО БАКТЕРИИ НАПРАВЕН ОД КРАДЕНА ВОДА Двајца од Радовиш со години го работеле овој „бизнис“
При извршените претреси било утврдено дека производството на мраз се вршело со довод на вода поставен на повеќе места, а од вработени во Јавно претпријатие „Плаваја“ Радовиш е констатирано дека водата која се користи во подрумскиот дел не се мери преку водомер.
Полицијата поднесе кривична пријава против двајца радовишани, кои неовластено и во нехигиенски услови произведувале мраз во кој е утврдено присуство на бактерии, а водата за производство ја обезбедувале од нелегален приклучок на водоводна мрежа.
Т.Д.(62) и С.Д.(62) ќе одговараат за кривично дело „производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други продукти“ по член 213 Кривичниот законик. Тие се лишени од слобода и задржани во Полициската станица Радовиш.
Како што соопшти полицијата, пријавените повеќе години наназад, како нерегистрирани производители на мраз, вршеле производство на мраз во импровизирани и нехигиенски услови и така небезбедно произведен го пуштале во промет на други правни и физички лица. На 16.09.2026, врз основа на судска наредба, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш во координација со државен инспектор за храна од Агенција за храна и ветеринарство извршиле претреси во дом и други простории, на четири локации, кои ги користат пријавените.
На терасата во приземниот дел од куќата во која живеат биле пронајдени замрзнувачи во кои имало поголем број ќеси во кои имало коцки мраз, кои биле складирани и оставени од пријавените за продажба по принцип на самопослужување, а парите од продажба се оставале во посебна кутија. Додека, во подрумските простории од куќата биле пронајдени четири машини за производство на мраз во коцки и уште еден фрижидер-замрзнувач во кој имало поголема количина коцки мраз, спакувани во ќеси за продавање.
По насоки од државниот инспектор, од стручен тим акредитирана лабораторија за испитување на храна и вода, земени се примероци од водата која што се употребува како суровина во производство на мраз, готовиот производ-мраз од ќесите од трите замрзнувачи и брисеви од опремата за производство на мраз. Од добиениот извештај од микробиолошка и хемиска анализа на водата е утврдено дека само таа одговара на бараните параметри согласно Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење. Сите останати примероци земени за анализа не одговарале на бараните параметри и во овие примероци било потврдено присуство на бактерии ешерихија коли и колиформни бактерии, со кое е докажано дека мразот бил небезбеден за употреба и штетен по здравјето на луѓето заради контаминација со бактерии од фекално потекло. По добиените резултати, од Агенцијата за храна и ветеринарство, пронајдените ледомати и замрзнувачи со готовиот мраз од околу 850 килограми се запечатени и одземени.
При извршените претреси било утврдено дека производството на мраз се вршело со довод на вода поставен на повеќе места, а од вработени во Јавно претпријатие „Плаваја“ Радовиш е констатирано дека водата која се користи во подрумскиот дел не се мери преку водомер.
При претресот во објектот на пријавените на место викано „Гладно поле“ атар на Радовиш, за кој е констатирано дека е бесправно изграден, била пронајдена и одземена воздушна пушка, која ја поседувале без соодветна документација.
По целосно документирање на случаите за бесправно изградениот објект и одземената пушка, СВР Струмица-ОВР Радовиш ќе поднесат соодветни пријави.